• сабота, 09 ноември 2024

Младеновска: Во Психијатриската болница во Демир Хисар не се пронајдени предмети кои укажуваат дека 17-годишното момче било измачувано

Младеновска: Во Психијатриската болница во Демир Хисар не се пронајдени предмети кои укажуваат дека 17-годишното момче било измачувано

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) – В.д. директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска, по информациите во јавноста дека во Психијатриската болница во Демир Хисар е малтретирано 17-годишно момче, денеска изјави дека е извршен вонреден инспекциски надзор во болницата и дека станува збор за малолетно лице, кое поради изразена агресија, родителите го однеле во оваа болница.

Младеновска посочи дека момчето било сместено во адолесцентското одделение, меѓутоа поради неговата изразена агресија и напад на пациентки од женски пол, лекарите одлучиле да го префрлат во соба за фиксација наменета за пациенти кои појавуваат изразена агресија или насилничко однесување.

-Фиксаторите се наменети за пациенти кои имаат насилничко однесување, кои што се агресивни. Воопшто не станува збор за ланци или за некои други предмети кои беа изнесени во јавноста, рече Младеновска.

Посочи дека постојат кожни и платнени фиксатори и дека нивното користење е дозволено, а се користат исклучиво за пациенти кои имаат агресивно однесување.

Момчето, како што појасни Младеновска, претходните месеци бил хоспитализиран на Клиниката за психијатрија, каде требало да изврши контролен преглед, но не го извршил и заради влошената здравствена состојба, родителите одлучиле да го однесат во Психијатриската болница.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со мајката на 17-годишното момче, Салка Абдуловска, и како што соопшти Министерството за здравство, изразил жалење за ситуацијата и најавил дека болницата ќе биде под строг надзор иако добил уверување од менаџментот на болницата дека е постапено согласно сите протоколи.

- Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата Демир Хисар ќе биде под строг надзор на Министерството. Ги охрабрувам другите институции кои започнаа постапка да ги завршат за да се расчисти случајот до крај, истакнал Меџити. ра/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан