• сабота, 23 ноември 2024

Мишел: Северна Македонија има реална можност да се приклучи на европското семејство 

Мишел: Северна Македонија има реална можност да се приклучи на европското семејство 

Брисел, 20 септември 2024 (МИА) - Со сегашниот моментум во проширувањето на Европската Унија, Република Северна Македонија има реална можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство, наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во објава на Икс посветена на неговата вчерашна средба со премиерот Христијан Мицкоски во Брисел. 

- Ја поздравувам геостратешката ориентација и посветеност на Северна Македонија за членство во ЕУ, наведе Мишел. 

Тој во објавата додава и дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, да се почитуваат правно обврзувачките договори и решително да се продолжи со реформите поврзани со ЕУ. 

За време на вчерашната работна посета на Брисел, Мицкоски, покрај со Мишел имаше средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, а присуствуваше и на работен ручек што за лидерите на шесте земји од Западниот Балкан го приреди претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен. 

Премиерот Мицкоски при посетата на Брисел беше придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. сп/са/ 

Фото: Икс 

Остани поврзан