• сабота, 23 ноември 2024

Мишел свика нова рунда консултации за Стратешката агенда за идните приоритети на ЕУ

Мишел свика нова рунда консултации за Стратешката агенда за идните приоритети на ЕУ

Брисел, 3 април 2024 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел упати покана до лидерите на земјите членки на ЕУ за одржување на нова рунда консултации за Стратешката агенда со која треба да се утврдат приоритетите на Унијата за следниот законодавен циклус. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамките на оваа рунда, консултациите ќе се одржат во мали посебни групи во Вилнус, Букурешт, Варшава и Виена. 

- Досега, заедно идентификувавме збир на јасни приоритети, кои се приближуваат кон постигнување на моќна заедничка цел – силна, просперитетна и демократска Унија. Ова е погоден момент за нас да навлеземе подлабоко во секој од овие приоритети, оценувајќи ги активностите што треба да се преземат за да се постигнат нашите цели, наведе Мишел. 

Според претседателот на Советот на ЕУ, за остварување на овие цели членките на Унијата треба да обезбедат одвоените финансиски средства да бидат во согласност со амбициите на блокот. 

- Вашиот ангажман и значајни придонеси ќе бидат најважни во обезбедувањето на стратешкото насочување за иднината на Унијата, што е уште поважно во денешниот геополитички амбиент, наведува Мишел во поканата.  

Според него, дискусиите на овие консултации ќе го трасираат патот за изработка на подетална Нацрт-агенда, што ќе биде доставена до Европскиот совет во јуни, заедно со Патоказот за идната работа на внатрешните реформи на ЕУ. 

Претходна рунда консултации се одржа во Париз, Берлин, Копенхаген и Загреб во средината на ноември минатата година. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан