• сабота, 28 декември 2024

Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за актуелната ситуација со Ковид-19 и економските мерки на Владата

Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за актуелната ситуација со Ковид-19 и економските мерки на Владата
Атина, 8 април 2020 (МИА) - Солидарноста и одговорноста на грчкиот народ и усогласувањето на граѓаните со строгите мерки, но и влијанието на пандемијата врз економијата на земјата, беа темите меѓу грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на нивната денешна средба преку видеоконференција. Мицотакис информираше за актуелната ситуација, за мерките што ги презеде Владата како за здравствената, така и за економската криза, јави дописничката на МИА од Атина. - Во истата линија како сега, треба да останеме најмалку до крајот на април, за да може мај да биде подобар од април и оптимист сум дека се движиме во оваа насока, рече Мицотакис. Сакеларопулу се осврна на претстојниот празник Велигден и навиките на Грците во овој период од годината. - Пролет е, времето е одлично, сите се навикнати да одат во местата од каде што потекнуваат. Треба да се убедиме дека ќе продолжиме со ограничувањата. Тежок облог е, но ќе кажам дека верувам, мислам дека ќе го следиме сите, истакна претседателката на Грција. Грчкиот премиер особено се осврна на „зрелоста и одговорноста на грчкиот народ во прилагодувањето на мерките“, за кои рече дека тие како Влада биле принудени да ги преземат, „што се всушност мерки за ограничување на основните слободи“. Ја спомена и грижата на Владата за ранливите групи граѓани, без разлика дали се тоа стари лица, маргинализирани луѓе во општеството, луѓето со економски проблеми и истакна дека мерките за поддршка се наменети за сите и „затоа имаат карактеристика на еднаквост и правда“. - Мерките за слабите, но особено за денот потоа во однос на работата, економијата, зајакнувањето на малите и средни претпријатија, поддршката за вработените и секако на старите лица, група која во овој момент е најпогодена меѓу населението, се многу важни елементи. Вие веќе направивте напори и секако, треба сите, секој на свој начин, да дадеме поддршка, рече Сакеларопулу. Мицотакис одговори дека од прв момент, главната грижа на Владата била заштита на вработените, на работните места, и изрази надеж дека преземените мерки, ќе придонесат негативните последици од економската криза да бидат контролирани. Истакна дека цела Европа ќе биде во рецесија, а „Грција не може да биде исклучок“. Но, додаде дека прашањето е штом помине здравствената опасност, да може брзо да закрепне грчката економија. На почетокот на разговорот, грчкиот премиер го коментираше фактот што со Сакеларопулу разговараа видеоконференциски иако премиерската и претседателската палата се оддалечени на само неколку метри, односно ги дели една улица. - Иако сме соседи, одбираме видеоконференција за да испратиме правилна порака, рече Мицотакис. ср/гт/

Остани поврзан