• среда, 25 декември 2024

Мицотакис смета дека соработката со Турција во мигрантското прашање функционира добро

Мицотакис смета дека соработката со Турција во мигрантското прашање функционира добро

Атина, 20 јуни 2024 (МИА) – Соработката со Турција во мигрантското прашање продолжува да функционира добро. Немам некоја индикација дека од Турција, од турската Влада постои некоја одлука да ги олабави обидите за надзорот на нејзиното крајбрежје, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на ситуацијата со мигрантите и вчерашниот текст во „Катимерини“ дека се зголемени мигрантските бранови, Мицотакис објасни дека големо зголемување имало лани во август, во септември и во октомври, а од тогаш се значително намалени.

-Криумчарите го менуваат начинот на кој се обидуваат да заработат пари преку оваа мизерна трговија. Но, и ние треба постојано да бидеме еден чекор пред нив за да ги гледаме нивните нови тактики и да се справиме со нив, истакна Мицотакис.

За односите со Турција рече дека не е наивен и „не се менува преку ноќ јадрото на турската политика“, но нагласи дека треба да се фокусираат на позитивните знаци, а како пример ги спомена фактот што нема нарушувања на грчкиот воздушен простор, дека постои договор за експрес визи за турските државјани на грчките острови, дека постои добра соработка во мигрантското прашање.

-Нашата политика продолжува да е политика со самодоверба, со добро расположение за соработка со Турција, но без доза на наивност, истакна грчкиот премиер.

За случајот со Фреди Белерис, градоначалникот на Химара и избран европратеник од редовите на Нова демократија, кој е во затвор во Албанија, Мицотакис рече дека ја очекуваат одлуката на судот, посочувајќи дека очекува на 16 јули да даде заклетва во Стразбур и да присуствува на гласањето за претседателката на ЕК, бидејќи „секој глас е важен“. ср/

Остани поврзан