• среда, 25 декември 2024

Мицотакис: Се обврзувам дека ќе направиме сѐ за нерамноправната битка со климатската криза, да не биде загубена битка

Мицотакис: Се обврзувам дека ќе направиме сѐ за нерамноправната битка со климатската криза, да не биде загубена битка

Атина, 16 септември 2023 (МИА) - Сѐ што беше загубено во поплавите, одново ќе го изградиме заедно, државата и граѓаните, ќе направиме сѐ за оваа нерамноправна битка со климатската криза да не биде загубена битка, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Почетокот на говорот, Мицотакис го посвети на „најголемиот шумски пожар и најголемите поплави во историјата на земјата“ и истакна дека сѐ што одново ќе се изгради, ќе се изгради „подобро без грешките од минатото“ со европски и национални средства.

Порача дека главен приоритет е помошта за граѓаните погодени од поплавените, што побргу да си ги вратат домови, како и помошта за бизнисите, но и дека е потребно преструктуирање на патишта, железница и сл, а паралелно најави формирање Организација за управување со водите во Тесалија.

Истакна дека е време да започне во Грција јавен дијалог за задолжително осигурување на сите домови и недвижнини од природни катастрофи.

Мицотакис посочи дека во изминатите години требаше да се справи со повеќе кризи, но, како што рече, никогаш не се скри и никогаш не отстапи пред пречките, додавајќи дека истото ќе го стори и сега.

Во едночасовниот говор под слоганот „Големи промени. Сега“, што воедно беше и прв говор како премиер во вториот мандат, се задржа и на модернизацијата на државата, на реформите во повеќе области, во судството, здравството, безбедноста на граѓаните, како и на подобрување на секојдневието на Грците. 

Најави одмрзнување, од јануари 2024, на додатоците за стаж суспендирани во 2012 година, ново зголемување на минималната плата од април следната година, соопшти намалување на личното обезбедување на министрите, но и на неговото, со што ќе бидат ослободени 2.500 полицајци, најави промени во судството, реформи во здравството итн.

Порача дека никогаш нема да ја стави во опасност фискалната стабилност на земјата и нема да дозволи државата да дојде до степен на банкрот.

Сето она што вечерва го најави и соопшти во Солун, се очекува грчкиот премиер детално да го образложи утре, на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун.

Денешниот говор, регуларно требаше да се одржи минатата сабота на свеченото отворање на 87-от Меѓународен саем во Солун, меѓутоа, поради поплавите предизвикани од невремето „Даниел“ беше одложено.ср/

Фото: Архива

 

Остани поврзан