• среда, 27 ноември 2024

Мицотакис- Руте: Поддршката за Украина мора да продолжи

Мицотакис- Руте: Поддршката за Украина мора да продолжи

Атина, 26 ноември 2024 (МИА) – Добрата вест е дека во НАТО ја имаме Алијансата која ни е потребна за да го одбраниме секој милиметар од нашата територија, а во Грција, благодарение на вашето лидерство, имаме цврст сојузник, истакна генералниот секретар на НАТО Марк Руте по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој од своја страна ја нагласи важноста да се почитуваат и меѓународното право и меѓународните договори, особено, како што рече, на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Регионалните безбедносни предизвици и како Алијансата може да продолжи да ја поддржува Украина, биле главните теми за кои разговарале Руте и Мицотакис, како што истакна генералниот секретар на НАТО во изјавите по средбата, а и двајцата ја истакнаа важноста да продолжи поддршката за Украина.

Руте посочи дека Грција е посветен сојузник и одигра клучна улога во поддршката на колективната одбрана и „веќе долго време безбедноста е приоритет, инвестирајќи три отсто од БДП во одбраната“, дека земјата уште од првиот момент ја поддржа Украина, како и преку билатералниот безбедносен договор со Украина потпишан минатиот месец.

- Сето ова е од суштинско значење во сè поопасната безбедносна средина. Во оваа нелегална војна во Украина, Русија користи севернокорејско оружје и војници, ирански дронови и кинески производи со двојна употреба за својата одбранбена индустрија. Ова е опасно проширување на војната и предизвик за глобалниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Украина ги задржа во борбата, но треба да одиме понатаму за да ја промениме траекторијата на конфликтот. Треба да обезбедиме клучна противвоздушна одбрана и да ги исполниме обврските преземени на Самитот на НАТО во Вашингтон, истакна Руте.

Грчкиот премиер во изјавата ја повтори поддршката на Грција за Украина, рече дека е неопходно да се зајакне колективната одбрана, а се осврна и на потребата за зајакнување и на европската одбрана и на „потребата за заедничка противракетна одбрана“, за што рече дека е „иницијатива која ќе ја зајакне и надополни улогата на Алијансата на нашиот континент“.

Додаде дека на средбата со Руте имале можност да ја потврдат посветеноста на Грција во Алијансата во изминатите 72 години, како и силната волја на земјата да продолжи по истиот пат.

- Заедно препознавме дека пред сложените предизвици кои се обликуваат во нашево време, во нашиот свет, треба да градиме мостови на соработка со нашите партнери. Заедно да одиме напред, со верба во основните принципи на слободата, демократијата, солидарноста, со неопходното и неизбежно почитување на меѓународното право, но, дозволете ми да го истакнам ова, и меѓународните договори. Меѓународните договори претставуваат основа на меѓународната безбедносна архитектура, нешто што секако особено се однесува и на чувствителниот регион на Западен Балкан, рече грчкиот премиер.

Генералниот секретар на НАТО пред средбата со Мицотакис, на одвоени состаноци разговараше и со министрите за одбрана и надворешни работи Никос Дендиас и Јоргос Герапетритис.

Дендиас на платформата Икс напиша дека разговарале за случувањата во Украина, односите на ЕУ и НАТО, односите на Грција со земјите членки на Алијансата во поширокиот регион, регионалните и меѓународните безбедносни прашања, развојот на одбранбената индустрија и иновациите, како и улогата на Грција како столб на стабилност и безбедност во Источниот Медитеран, во рамките на меѓународното и морското право.

Од грчкото МНР, исто така преку Икс информираа дека на агендата на средбата Герапетритис-Руте биле војната во Украина, соработка ЕУ-НАТО, ангажман на НАТО со јужното соседство, Блискиот Исток, Северна Африка итн., а и двајцата „ја истакнаа зајакнатата улога на Грција во меѓународната дипломатија во пресрет на нејзиното учество во Советот за безбедност за периодот 2025-2026 година“.

Руте денеска беше во еднодневна посета на Атина, а во Грција дојде од Турција каде што вчера, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, меѓу другото, разговараа и за начините за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан