• среда, 25 декември 2024

Мицотакис оптимист дека Европскиот Совет ќе ги одобри кандидатурите на Фон дер Лајен, Калас и Коста

Мицотакис оптимист дека Европскиот Совет ќе ги одобри кандидатурите на Фон дер Лајен, Калас и Коста

Атина, 27 јуни 2024 (МИА) – Надеж, но и оптимизам дека, Европскиот совет ќе ги прифати и одобри кандидатурите на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската Комисија, на Антонио Коста за претседател на Советот и на Каја Калас за висока претставничка за надворешна политика и безбедност, предложени од Европската народна партија, од Социјалистите и Либералите, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека е многу важно, предвидените процедури, како во Европскиот совет, така и во Европскиот парламент да завршат во текот на месец јули, за да нема доцнења во следниот европски циклус.

Дополнително, грчкиот премиер рече дека на состанокот ќе стане збор и за стратешката агенда за следните пет години,

- Драго ми е, бидејќи сите важни грчки приоритети се одразени во овој текст. Голем акцент е ставен на прашањата за миграцијата и заштитата на надворешните граници, на потребата од поголема одбранбена соработка, евентуално и изнаоѓање можности за финансирање од европскиот буџет. Прашања поврзани со конкурентноста, но и со поддршката на примарниот сектор, нашите земјоделци, нашите сточари и нашите рибари. Текст, што ќе биде и водич за Европската комисија во следните пет години, рече Мицотакис. ср/ми/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан