• сабота, 23 ноември 2024

Мицотакис од Солун најави зголемен раст за 2021 година и соопшти мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите

Мицотакис од Солун најави зголемен раст за 2021 година и соопшти мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите
Атина, 12 септември 2021 (МИА) – Низа даночни олеснувања; намалувања на ДДВ-то во одредени области; покривање на зголемувањето на цената на струјата; специјален план за поддршка на младите; 50 гигабајти интернет за вакцинираните тинејџери, набавка на уште шест француски воени авиони Рафал, се дел од мерки што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти од Солун, говорејќи на Меѓународниот саем, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис го претстави владиниот план за, како што рече „Грција која се менува, Грција која чекори напред и гледа нагоре“, што содржи мерки за справување со зголемувањето на цените, даночни олеснувања за домаќинствата, бизнисите и сопствениците на недвижнини, но и мерки за младите. -Тоа се мерки што се однесуваат на сите граѓани, но особено на младите. Продолжуваат да ги олеснуваат даночните и осигурителните товари. Се однесуваат на приходите и на имотот на средната класа. Но, истовремено го олеснуваат претприемништвото. Ги поддржуваат погодените од пандемијата, пред сè невработените, но во исто време гледаат напред, порача Мицотакис. Рече дека со оглед на тоа што БДП на Грција во вториот квартал од годинава забележа пораст од 16,2 отсто, ја ревидирале поставената цел за раст за 2021 година од првичните 3,6 отсто на 5,9 проценти. Најави 24 мерки кои се проценува дека се во висина од над три милијарди евра и се однесуваат како на оваа, така и на следната година. Во однос на младите, соопшти национален план, односно седум мерки и стратегија во 90 точки кои јавно ќе се оценат во следните шест месеци, а вклучени се: 1.200 евра месечно за шест месеци за вработување на младите без работно искуство, од кои половина од износот ќе биде за работодавачот, а половина за вработениот; укинување на специјалната такса за мобилни телефони за младите до 29 години и поевтин интернет; бесплатни 50 гигабајти интернет за вакцинираните тинејџери од 15 до 17 години; како и укинување на данокот за наследство од родителите на децата. Грчкиот премиер се задржа и на мерките за справување со покачувањето на цените на основните продукти и услуги, најавувајќи нов енергетски фонд за транзиција за покривање на 80 отсто од зголемувањето на електричната енергија за секое домаќинство; зголемување за 20 отсто на надоместокот за греење; намалување специјалниот данок на сопственост; намалено ДДВ за транспортот, кафето, безалкохолните пијалаци, фитнес центрите, училиштата за танц, туристичките пакети, кината и за добиточна храна за земјоделците. Дополнително соопшти даночни олеснувања и за сопствениците на бизниси. Говорејќи за пандемијата, истакна дека „економијата и општеството нема повторно да затворат“ и порача дека вакцината, која е безбедна и ефикасна им е достапна на сите граѓани.

Со говорот на Мицотакис, синоќа започна 85-от Меѓународен саем во Солун, што традиционално се одржува секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а премиерот на земјата го претставува владиниот план за следниот период.

Денеска, грчкиот премиер ќе ја одржи и традиционалната прес конференција, на која ќе одговара на прашања поврзани со владината политика и владината програма.ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан