• сабота, 23 ноември 2024

Мицотакис нема да присуствува на Меѓународната конференција на Ципрас и Заев

Мицотакис нема да присуствува на Меѓународната конференција на Ципрас и Заев

Атина, 17 јуни 2024 (МИА) – Премиерот нема да присуствува на конкретната иницијатива, кусо одговори портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинарите за тоа дали евентуално грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис би присуствувал на дводневната Меѓународна конференција што ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на вчерашната средба на претседателката Сиљановска Давкова со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис на маргините на Самитот за мир во Швајцарија, владиниот портпарол рече дека „не постои нешто повеќе што можеме да кажеме“ и уште еднаш ги повтори грчките позиции во однос на нашата земја.

-Многу пати ги имаме повторено нашите позиции и потребата и Северна Македонија да го почитува она што е изгласано и ратификувано и покрај нашите искажани приговори кога имавме можност да го сториме тоа пред гласањето на Договорот од Преспа. Очекуваме да видиме опипливи потези и овде сме да ги коментираме, рече Маринакис

Претседателката, вчера на Фејсбук објави дека имала средби за запознавање со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и на Бугарија, Димитар Главчев. 

-Со нетрпение очекувам да се вклучиме во продуктивни дискусии со нив во корист на нашите држави и регионот. Мора да соработуваме и да ги подобриме меѓусоседските односи, напиша претседателката. ср/ев/

Остани поврзан