• недела, 24 ноември 2024

Мицотакис до Ердоган: Силеџиство јок со Грција

Мицотакис до Ердоган: Силеџиство јок со Грција
Атина, 11 септември 2022 (МИА) – Под слоганот „Конзистентност, континуитет, стабилност“, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, синоќа говореше на отворањето на 86-от Меѓународен саем, осврнувајќи се низа теми меѓу кои надворешната политика и упатувајќи остра порака до турскиот претседател, го коментираше ставот на Русија,  уште еднаш ја отфрли можноста за предвремени избори во земјата, а соопшти и 21 иницијатива за поддршка на граѓаните, односно пакет мерки во висина од 5,5 милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина. За грчко –турските односи рече дека Грција, „на провокативното крешендо на Турција“ одговара со зајакнувањето на армијата, со градењето меѓународни сојузништва, со посветеноста на меѓународното право, но и единството на народот и упати остра порака до претседателот на Турција, употребувајќи ја грчката верзија од  турскиот збор „кабадаија“. -На заканите што доаѓаат од другата страна од Егејското море, одговор дава еден грчки збор што ја собира целата сила на нашата нација: Не, господине Ердоган. И да го кажам на јазикот што подобро го разбира: Силеџиство јок со Грција, порача Мицотакис, а конкретната изјава предизвика аплаузи и овации од присутните во салата. Коментирајќи го ставот на Русија, грчкиот премиер истакна дека „Москва се стреми кон дестабилизација на западните влади“ и „сака енергетската несигурност да ја претвори во европска политичка нестабилност“. Поголемиот дел од говорот што траеше 75 минути, Мицотакис го посвети на новите владини мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите во висина од 5,5 милијарди евра. Презентираше 21 иницијатива, односно осум мерки што веднаш стапуваат во сила и 12 на почетокот на 2023 година. Меѓу мерките што веднаш ќе се спроведат се и исплата на додаток од 250 евра во декември за 2.300.000 граѓани, кои припаѓаат на ранливите категории; зголемување на студентскиот станбен додаток од 1.000 на 1.500 евра; проширување на додатокот за греење; вонредни субвенции за земјоделците; проширување на програмата за замена на стари уреди за домаќинството; проширување на програмата туризам за сите; намалување на придонесите за осигурување за компаниите кои привремено вработените, ќе  ги вработат со полно работно време. За следната година, како што соопшти Мицотакис, меѓу мерките се и се укинување на постоечка такси за граѓаните, намалување на одредени придонеси за осигурување, зголемување на пензиите на конкретна група пензионери, ново зголемување на минималната плата, зголемување на платите на лекарите во државните болници, а ќе се воведе и програма со поволности за станбен кредит за младите до 39 години итн. На почетокот на говорот Мицотакис рече дека по четврти пат на саемот говори како премиер, истакна дека следните месеци се предизборни и се осврна на она што го најавил како владини иницијативи во 2019 година кога за прв пат како премиер говореше на Саемот, но и уште еднаш истакна дека изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат. Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови. Саемот ќе трае до 18 септември, а следниот викенд говор и прес конференција ќе одржи лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас. Оваа година на саемот ќе учествуваат околу 1.500 изложувачи, како од Грција, така и од 19 земји учеснички: ОАЕ, САД, Луксембург, Бангладеш, Виетнам, Индонезија, Украина, Босна и Херцеговина, Ерменија, Иран, Италија, Полска, Србија, Кипар, Грузија, Романија, Индија, Непал и Египет, а Обединетите Арапски Емирати се почесна земја По синоќешниот говор, денеска, грчкиот премиер ќе ј одржи и традиционалната прес конференција на маргините на саемот. ср/

Остани поврзан