• петок, 27 декември 2024

Мицотакис: Во ЕУ недостасува ефикасна политика за враќање на нелегалните мигранти

Мицотакис: Во ЕУ недостасува ефикасна политика за враќање на нелегалните мигранти

Атина, 17 октомври 2024 (МИА) – Она што недостасува во нашата европска стратегија е ефикасна политика за враќање на мигрнатите. Особено ми е драго што тоа е нешто што го препознава и претседателката на ЕК, која, како што се чини, ќе ја овластиме да може да поднесе до Советот иновативни предлози за тоа како можеме да ги направиме поефикасни враќањата во земјите на потекло на оние кои немаат право на азил, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при неговото пристигнување на Самитот на Унијата во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно потсети дека враќањата треба да се вршат и во Турција, бидејќи тоа е во рамките на Договорот ЕУ-Турција од 2016 година.

Објасни дека Грција „во последните пет години спроведува многу строга, но правична миграциска политика“, изрази задоволство што Европскиот совет „постепено ја препозна важноста на надворешната димензија на миграцијата и потребата за ефикасна заштита на европските граници“ и посочи дека Пактот за миграција и азил не се справува со враќањето на мигрантите.

-Не можеме да го прифатиме фактот дека не сме ефикасни кога станува збор за оние кои немаат право на статус на заштита во Европската унија. Очекувам да дознаам повеќе за иновативните решенија предложени од Европската комисија, рече Мицотакис.

Освен на миграцијата, грчкиот премиер се осврна и на другите теми на денешната агенда во Брисел, на состанокот со украинскиот претседател, повторувајќи го ставот на Грција дека „Украина ќе го одбере времето за почеток на мировните преговори со Русија, но ќе треба тоа да може да го стори од позиција на сила, а не од позиција на слабост“, како и на прашањата поврзани со конкурентноста. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан