• среда, 13 ноември 2024

Мицотакис вечерва ќе одржи говор на Меѓународниот саем во Солун

Мицотакис вечерва ќе одржи говор на Меѓународниот саем во Солун

Атина, 16 септември 2023 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва ќе се обрати на 87-от Меѓународен саем во Солун, нешто што првично требаше да се одржи минатата сабота на свеченото отворање, меѓутоа, поради поплавите предизвикани од невремето „Даниел“ беше одложено, јави дописничката на МИА од Атина. 

Саемот почна во саботата, но без свечено отворање и без традиционалниот говор на премиерот, а завршува утре, кога ќе се одржи и прес-конференцијата на Мицотакис, што исто така беше планирана за минатиот викенд.

Се очекува Мицотакис во говорот да се задржи на владините приоритети за следниот период, детално да ги објасни иницијативите што ќе ги преземе во различни области. 

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови, меѓутоа, оваа година поради катастрофалните поплави, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги одложи обраќањето и прес- конференцијата за следната седмица.

Оваа година на саемот учествуваат 1.500 изложувачи, како од домаќинот Грција и почесната земја Бугарија, така и од 18 земји Кипар, Бангладеш, Виетнам, Индонезија, Уругвај, Украина,  Иран, Италија, Полска, Ерменија, Франција, Србија, Индија, Непал, додека пак за Јужна Кореја, Молдавија и Тајланд е прво учество. ср/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан