Мицкоски: Ќе побараме јавна расправа за измените во законите за ДДВ, за персоналниот данок на доход и за данокот на солидарност
- На седницата на Комисијата за европски прашања в понеделник ќе побараме да се организира јавна расправа за измените во законите за ДДВ, за персоналниот данок на доход и за данокот на солидарност, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Скопје, 20 јули 2023 (МИА) – На седницата на Комисијата за европски прашања в понеделник ќе побараме да се организира јавна расправа за измените во законите за ДДВ, за персоналниот данок на доход и за данокот на солидарност, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
-Денеска во детали разговаравме со претседателот на Стопанската комора за сите три закони и во рамките на дискусијата што ја водевме предложивме во понеделник на 24 јули, кога е закажана Комисијата за европски прашања, да побараме јавна расправа, бидејќи е добро јавноста да биде запознаена со аргументите од сите страни кои ги опфаќаат овие закони, изјави Мицкоски по средбата.
Очекуваме, додаде, дека од страна на мнозинството во Парламентот ќе биде прифатена оваа иницијатива во текот на следната недела да имаме јавна расправа на која ќе можат стопанските комори, но и сите оние кои се погодени од носењето на овие закони, да дојдат и да го кажат својот став и своето мислење.
-Не сме оптимисти, но се надеваме, дека ќе наиде на согласност од страна на мнозинството и тоа што ќе биде изнесено како теза на таа јавна расправа, доколку се случи, тогаш Министерството за финансии и Владата ќе го земат предвид и ќе биде дел од нивните политики. Во спротивно, чувството на бизнисот, но и нашиот став е дека компаниите кои се дисциплинирани и кои и досега ги плаќаат своите обврски и го полнат буџетот дополнително се оптоваруваат на сметка на оние компании кои не се дисциплинирани и се дел од сивата економија и не ги плаќаат своите обврски во буџетот, посочи Мицкоски.
Нагласи дека овие закони во Собранието повторна дојдоа со „злоупотреба на европското знаме“, поради што, како што рече, можностите се ограничени, што значи лимитирана дебата на Комисијата за европски прашања од три дена.
Азески посочи дека денешната средба била во рамки на редовните конуслтации што ги има раководството на комората со раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои се во инетерес на двете страни.
-Денеска бевме информирани за актуелните закони кои се во процедура, какви се можностите и какви се нивните погледи, како и каква е можноста повторно да се отвори дебата и расправа и други механизми кои стојат на располагање. Зборувавме и какви се погледите на ВМРО-ДПМНЕ општо во поглед на економијата и економскиот развој и какви се нашите погледи. Разменивме мислења и се договорвиме за некои активности кои ќе следат во наредниот перид, рече Азески. вј/лв/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ