• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски: Ќе водиме принципиелна политика со соседите

Мицкоски: Ќе водиме принципиелна политика со соседите

Делчево, 19 мај 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски денеска најави водење принципиелна политика со соседите. Како идна Влада, како што рече, на денешното одбележување на годишнината од Разловечкото востание, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“, потенцирајки дека нема да се прават избрзани чекори, кои можат „многу“  да ја чинат државата.

-Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи  во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа - македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар,  но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома, рече Мицкоски.

Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која како таква политика ќе се води со соседите.

-Ве повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници, додаде Мицкоски. 

Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано. вс/мд/


Фото: МИА

 

Остани поврзан