• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски - Фидан: Потврдено силното партнерство, Скопје и Анкара ја зајакнуваат економската и политичката соработка

Мицкоски - Фидан: Потврдено силното партнерство, Скопје и Анкара ја зајакнуваат економската и политичката соработка

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска остварил средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан на која се разговарало за долгогодишното пријателство помеѓу двете држави, за актуелната политичка и економска состојба, како и за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Мицкоски истакнал дека економската и политичката соработка помеѓу двете држави е од огромно значење и дека има потреба од нејзино понатамошно продлабочување. Во тој контекст, биле дискутирани можностите за зголемено учество на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Турција.

Како НАТО сојузници, Мицкоски и Фидан ја нагласиле, се посочува, важноста на мирот и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти.

-Мицкоски нагласи дека турското пријателство е од огромна важност за нашата земја, а турската заедница има значаен придонес во општествениот живот и економијата на Македонија. Воедно, беше истакнато дека Турција е докажан поддржувач и пријател на нашата земја и дека постои простор за продлабочување на односите во повеќе области, стои во соопштението. вг/са/

Фото: Влада

 

Остани поврзан