Мицкоски: Ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да гласа за уставните измени
- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција останува на заедничкиот и принципиелен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да поминат, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата останува на заедничкиот и принципиелен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
- Нема да се случат уставните измени. Ниту еден пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа и тоа се виде на седницата на 18 август, кога 44 пратеници гласаа против дневниот ред. Тоа јасно покажува дека немаат двотретинско мнозинство, затоа што ако беа сигурни дека имаат макар и еден, тие ќе одеа до крај на таа собраниска седница, претпоставувам ќе пропаднеше и после тоа хорски ќе бараа оставка на Христијан Мицкоски. И Мицкоски е проблем, затоа што тој не се договара со политички криминалци и разно разни кланови, ниту за политички амнестии, ниту за политички криминали, ниту за тендери затоа што имаме принципиелен став, истакна вечерва Мицкоски во интервју за телевизија „Алсат М“.
Според него, уставните измени се најпонижувачкиот дел за земјата и затоа не ги поддржуваат.
- Мислам дека тоа што не ги гласаме тие уставни измени и мислиме добро на Македонија, затоа што ако се случеше такво нешто, тогаш ќе беше лошо за Македонија бидејќи ги слушате пораките што доаѓаат од Софија, па дури и од денешната новоизбрана еврокомесарка која што јасно кажа кои се обврските на Македонија содржани и во протоколите. А, во протоколите се содржани сериозни обврски кои што имаат јасна цел, а тоа е асимилација на македонскиот народ, рече Мицкоски.
Говорејќи за јавните препукувања со поранешниот лидер на партијата, Мицковски вели дека тоа што имал да го каже за „оската Али Ахмети, делови од структурата на СДС и Никола Груевски“ го кажал јавно. Притоа потенцираше дека тоа што го објавил се должи на, како што вели, една голема анализа, информации и многу докази кои веќе неколку месеци пристигнуваат и до него и до ВМРО-ДПМНЕ.
- Суштината е што е тоа што го натерало Груевски да оди на тие тајни средби во минатото и што е тоа што го натерало да влезе и биде дел од оваа оска која ја предводи Али Ахмети, структура од СДС и Никола Груевски. Што е тоа кое денеска толку го фрустрира и мора да ги пишува тие статуси со многу омраза и гнев? Мојата порака е нека е жив и здрав и втората моја порака е „не им правете на луѓето тоа што не сакате луѓето вам да ви прават“, рече Мицкоски.
Прашан за денешната средба со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, Мицковски рече дека се работи за редовна средба со драг пријател.
- Ценам дека од средбата не треба да се гледа каква е пораката, туку треба да се каже дека никој не е заборавен, рече Мицковски, додавајќи дека Јанкуловска е жртва на, како што вели, политички прогон и тортура. вг/бак/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ