• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Трошоците  за живот се над оние во Еврозоната, решение се избори

Мицкоски: Трошоците  за живот се над оние во Еврозоната, решение се избори

Кавадарци, 9 септември 2023 (МИА) - Повторно и во август месец гледате дека трошоците за живот се огромни и се над оние кои се во ЕУ зоната. Тоа е така поради што имаме неспособна Влада. Економијата во државата не мора да ја гледаме само низ бројките и податоците кои ги објавува државниот завод за статистика, само е доволно да излезете на пазар и да ги погледнете цените, ќе погледнете дека тие се 2-3 пати повисоки од тоа што биле пред една или две години. Тоа директно удира на стандардот на граѓаните, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Кавадарци. 

Тој посочи дека овие параметри  наведуваат на лошата економска состојба и стандардот на граѓаните, за што, како што појасни, решение се избори.

Мицкоски потенцираше дека пред некој ден Државниот завод за статистика, објави податоци за индустриското производство, „кое во првите 7 месеци има едвај само еден процент раст споредено со истиот период  минатата година“. Потенцирајќи дека она што загрижува е состојбата со преработувачката индустрија, која во првите 7 месеци е под нивото од првите 7 месеци во минатата година, додека пак за месец јули таа е помала за 1,2% во однос на истиот месец минатата година.

Тој истакна дека овие параметри се доказ за лошата економска состојба и слабиот стандард на граѓаните, за што, повтори, решение се избори.

- Ние цело време зборуваме, колку подолго остане оваа неспособна и криминална Влада на ДУИ и СДСМ или СДСМ и ДУИ како сакате толку поголем цех ќе плати државата и граѓаните. Единствен начин да се казнат овие криминални измамници во Владата се изборите, рече Мицкоски.

Мицкоски упати повик до граѓаните и ги повика „граѓаните во Македонија, сите оние кои што се политички определени или сите оние кои што, можеби и не се политички определени, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на следните избори кои што за неколку месеци од  денеска ќе се случат, да излезат и да гласаат“.

-Со седење дома не можеме да помогнеме во овој процес. Мораме да излеземе масовно и да ја поддржиме опцијата која што се обединува се повеќе околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ВМРО-ДПМНЕ ја предводи. Тоа е единствениот начин овие политички измамници и криминалци да се соочат со одговорноста, изјави Мицкоски.

Посочи дека ниту една измена во каков било закон , нагласи, нема да им помогне. 

- Јас тоа го кажав, и златно знаме да стават, не европско, златно знаме да стават има и други членови, десетици други членови и во тој закон и во други закони по кој што ќе бидат тие изведени пред лицето на правдата. Криминалците нема каде да избегаат и не може да се скријат, но единствен начин  да ги поразиме криминалците е масовно да излеземе на избори, кажа Мицкоски. свд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан