• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски: Тие зборуваат за минатото, а ние за проекти и за нова иднина

Мицкоски: Тие зборуваат за минатото, а ние за проекти и за нова иднина
Кочани, 27 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на Кочани оцени дека не се потребни коментари за однесувањето на луѓето кои, како што рече, се заглавени во политичко мочуриште и напаѓаат со црна кампања, затоа што така коалицијата што тој ја предводи ќе добива повеќе позитивни оценки. - Не очекувам дека ќе зборуваат за проекти, бидејќи немаат проекти и не очекувам да зборуваат за иднина, бидејќи не знаат како да создадат нова иднина. Ако забележите во оваа кампања тие или зборуваат за минатото, нè враќаат 10 години наназад. Тие нека продолжат да удираат ниско, колку пониско тие удираат, ние толку повисоко ќе се креваме. Ние зборуваме за проекти, за нова иднина и така уште ден, два до крајот на кампањата ќе продолжиме, а од понеделник не чека многу работа, да ја извадиме Македонија, да го извадиме Кочани од политичко мочуриште во кое што денеска се наоѓа, истакна Мицкоски. Обвини дека во јавноста не може да се најде ниту еден успех на актуелната влада, која, како што рече, ја направила државата најкорумпирана во Европа. - Факт е дека владата на СДСМ и ДУИ направи Македонија да биде трета во светот според смртноста од ковид пандемијата и практично ја турна на дното според економијата во регионот, па и во Европа. Факт е дека е презадолжена, факт е дека единствено што направија е распродажбата на националниот идентитет, факт е дека во образованието и реформите кои што ги спроведоа немаме ниту еден Универзитет во првите 100 на Шангајската листа и уште многу, многу порази кои што ги направија, додаде Мицкоски. Додаде дека единствено што ѝ преостанува на власта е да го плаши народот и да го дели по различни основи, а коалицијата „Обнова на Македонија“ гледа кон иднината, нуди проекти и планови за развој. та/мд/

Остани поврзан