• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Таравари е идниот градоначалник на Гостивар

Мицкоски: Таравари е идниот градоначалник на Гостивар
Гостивар, 2 октомври 2021 (МИА) - Да се гласа за Арбен Таравари и листата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа му е потребно и на Гостивар и на Македонија. Да го поддржиме Арбен Таравари бидејќи има визија за модерен Гостивар, град за сите гостиварци, град кој е пример за сите останати. Кога јас би бил гостиварец, нема да имам никаква дилема, дека иден градоначалник е Арбен Таравари. Крајот на власта се ближи, а граѓаните на овие избори ќе излезат и ќе изберат нова иднина, порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Гостивар. Тој оцени дека нашата држава денес е најкорумпирана во Европа. Според него, државата ја водат политичари криминалци во Владата и, како што нагласи, тоа е наш колективен срам. Зборувајќи за важноста од овие избори, Мицкоски додаде дека шансата за да се промени тој срам е 17-ти октомври, а вината ја посочи во актуелната власт. - Во една работа признавам дека се најдобри, најдобри се во крадење и лажење, тука им нема рамен, ама проблемот е што додека тие крадат и лажат тоне Македонија, тонеме и ние со нив. Македонија денес за жал е најкорумпираната држава во Европа. Држава којашто ја водат политичари криминалци во Владата, тоа е наш колективен срам, рече Мицкоски. Мицкоски ја обвини актуелната власт дека не води грижа за народот кој, како што рече е западнат во сиромаштија и се мачи да да го помине од први до први месецот. Оттука, рече тој, нашата задача е да се исправи неправдата.- Ние мора да ја исправиме неправдата. Мора да се бориме и да се бориме за она што веруваме. Јас во Гостивар гледам луѓе подготвени да се борат. И знаете со оваа власт не може да биде подобро, изјави Мицкоски. Мицкоски ги повика гостиварци да гласаат за кандидатот за градоначалник од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и побара нивна поддршка. Од говорницата на градскиот плоштад се обрати и Гоце Димовски, носител на советничката листа кој појасни дека програмата со која настапува на овие избори е усогласена со програмата на кандидатот за градоначалник Арбен Таравари и ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“. - Главна водилка за мене како носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде реализација на квалитетна локална политика и програма. Максимално ќе се заложам во програмата за реализација на буџетот на општина Гостивар, соодветно место да заземат проектите утврдени како приоритетни во програмските цели на ВМРО-ДПМНЕ. Заеднички ќе изнајдеме решение за сите проблеми, подвлече Димовски. згм/мд/    

Остани поврзан