• вторник, 24 декември 2024

Мицкоски најави можност за состанок со банкарите во недела

Мицкоски најави можност за состанок со банкарите во недела

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Се трудиме во овие пет месеци да го консолидираме сето она кое што повеќе од три децении е уништувано, а е во државна сопственост. Не секогаш државата има алатки за да може тоа да го реши, но онаму каде што може бидете сигурни дека тоа ќе го направиме. Се додека сум јас премиер проблемите ќе се решаваат, порача денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски. 

-Свесен сум дека за се она што се уништило овие три децении немаме магично стапче, ниту, пак, некогаш сум ветил дека имам магично стапче. Чуда се невозможни, ниту јас сум чудотворец, кога тоа би го зборел би лажел. Но, исто така би Ви кажал дека се што можам ќе направам, дел од овие работи што се уништени во овие три децении да ги коригираме, ќе ги коригираме и веќе ги коригираме, рече Мицкоски во одговор на прашање при денешната посета на Тутунскиот комбинат Прилеп.

Дел од тие објекти, како што кажа, се поврзани со многу испреплетени  административни предизвици и ќе треба време да се решаваат нерешени имотно правни и должничко-доверителски односи.

-Меѓу нив, мој личен приоритет е Еурокомпозити. Лично работам и лично барам потенцијален инвеститор којшто би можел да ги иссервисира обврските кон поранешните вработени, да вложи и да почне производство на нешто кое што можеби на државата годишно ќе и носи од 250 до 300 милиони евра приходи. Лично е тоа мој приоритет и лично работам на тој проект. Се надевам наскоро дека ќе имаме добри вести. Проблемот е што ниту една банкарска институција не дава кредит за наменска индустрија, а денеска компаниите се борат да опстојат и затоа им е потребна банкарска поддршка. За жал, голем дел од банките денеска не сакаат да поддржуваат наменска индустрија, па ќе видиме, рече Мицкоски. 

Во врска со кредитот за компаниите од унгарскиот заем истакна дека и дал насока на министерката за финансии викендов во недела во 12 часот во Министерството за финансии да организира состанок со банкарската асоцијација на кој ќе присуствува и тој.

-Ќе им кажам уште некои работи на состанокот, а дотогаш имаме уште неколку консултации. Суштината е дека ние кога го земавме кредитот заедно со банките работевме на случајот тие да не бараат дополнителни трошоци. Мислевме дека треба заеднички да го споделиме како ризик, бидејќи секогаш кога ќе ме прашаат како да помогнеме – еве како, еве начин како, вака се помага. Со муабети и тапкање по рамо не се помага. Ајде заедно со државата да го споделиме и овој ризик. Мислевме дека и тие треба да бидат општествено одговорни, бидејќи како влада ниту имаме братучеди, ниту имаме браќа коишто водат бизниси па да бараме меки кредитни линии од банкарите, ние ништо не бараме. Еве петти месец сме влада бараме за граѓаните затоа што на крајот на денот кога ќе ја помагате македонската економија вие ги помагате граѓаните. Ова е начинот да си помогнеме сите заедно, потенцира Мицкоски.

Сепак, додаде, и досега кога државата давала вакви меки кредитни линии секогаш безусловно ја прифаќала каматата и за тоа вкупно се потрошени околу 650 милиони евра. вј/нд/

Фото: Принтскрин 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан