• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Промените се можни, да се избориме против хаосот што владее

Мицкоски: Промените се можни, да се избориме против хаосот што владее

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Живееме во тешки времиња. Државата е во хаос, институциите се парализирани, апатија и разочараност се чувствува насекаде. Изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изиграна. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете на граѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може да се промени тоа, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Крива Паланка.

Според Мицкоски, овие избори се последната шанса за спас, промените се можни и се на дофат. Посочи дека народот нема контрола врз сопствената држава затоа што, како што рече, стотина луѓе од ДУИ управуваат со целата држава. ДУИ и СДСМ, како што посочи, разработуваат заговор против државата со поделбите на позициите и на државните функции.

- ДУИ со нивните коалициони партнери сакале 70 проценти од министерствата, компаниите, институциите, а 30 проценти за СДСМ и Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети земи бел лист хартија, напиши колку треба за СДСМ, ние ќе прифатиме. На тоа дереџе падна СДСМ. Дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со онаа симулација што вчера ДУИ ја направи за распределба на министерските места и владините позиции. СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ, рече Мицкоски.

Ги повика неопределените граѓани да гласаат затоа што, како што рече, неизлегувањето на гласање е награда за лошите политичари. Рече дека подава рака за обединување во битката против власта предводена од ДУИ и СДСМ. 

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција, до партиите кои по разни основи се расцепкани. Доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ, е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцира Мицкоски.

Посочи дека „Платформа 1198“ има конкретни проекти што ќе се реализираат. 

Пред паланчани се обрати и Драган Ковачки, носител на кадидатската листа за ИЕ 3 од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Македонија е во претешка состојба, со криминал и афери секојдневно, а ДУИ и СДС со екстра заработувачка. На Ковачевски му беше прифатливо се што ќе рече Ахмети. Затоа, овие избори се историски, а ние нудиме програма „1198 –концепт на реформи, проекти и надеж“ со кој нудиме економски раст од 5 отсто, намалување на невработеноста за 7 отсто, конечна изградба на клиничкиот центар во Скопје и во Штип, 3 милијарди евра инвестиции, 800.000.000 евра во земјоделството. Овде во Крива Паланка планираме поврзување Крива Паланка со М.Каменица, Саса со Тораница, изградба на главен фекален колектор на Крива Река, водовод во Конопница и многу други проекти. Ја гледам позитивната енергија во вас а таа доаѓа од конечната желба за промени. Ова е време за обединување, за да биде казнето предавството на СДС и ДУИ, рече Ковачки. ид/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан