• недела, 29 декември 2024

Мицковски преферира тет-а-тет средба со Ковачевски

Мицковски преферира тет-а-тет средба со Ковачевски

Скопје, 2 јуни 2023 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски преферира да има тет-а-тет средба со премиерот Димитар Ковачевски бидејќи, како што вели, според неговото досегашно искуство од тимските средби никогаш не произлегуваат заклучоци. 

Во гостување на емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, Мицковски рече дека досега немаат добиено официјална покана за средба. 

-  Моето искуство покажало дека на таков широк формат на средби, не лидерска, туку тимска средба, никогаш не се носеле заклучоци. Тоа е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно после една таква лидерска средба треба да излеземе со некаков заклучок, рече Мицковски.

Според него, доколку постои инсистирање наместо лидерска да има тимска средба, тогаш предлогот е прво да се организира средба меѓу тимовите, да се видат позициите, а потоа да се сретнат лидерите на двете партии.

Вели дека има две опции за кои би требало да се разговара - едната се уставните измени и втората што доколку не успее овој процес. 

Прашан дали сè уште е жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада, Мицкоски рече дека тој е за влада во која „ќе има широко македонско национално единство“. бак/

Фото: принтскрин

Остани поврзан