• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски по победата на Трамп очекува уште поголемо зајакнување на исклучително добрите односи со САД

Мицкоски по победата на Трамп очекува уште поголемо зајакнување на исклучително добрите односи со САД

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски очекува уште поголемо зајакнување на, како што посочи исклучително добрите односи меѓу македонските граѓани и граѓаните на САД, по победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со очекувањата по победата на Трамп на изборите во САД, истакна дека двете земји имаат економски приоритети кои понатаму ќе се развиваат.

-Честитам на граѓаните на САД за демократскиот изборен ден или изборен процес, избраа напредок, избраа нешто коешто тие одлучија дека ќе им биде приоритет, го избраа претседателот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав и не само на него, туку и на луѓето коишто се дел од неговиот, дел од неговиот тим, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека со членовите на неговиот тим размениле неколку пораки изутрината и потсети дека во земјава на неодамна беше Хауард Лутник, кој на прес-конференцијата стоел до семејството на Трамп.

-Господинот Лутник е практично претседател на транзицискиот тим, во којшто се пет членови, меѓу кои е и Дон Џуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потретседателот, сега веќе Џејди Венс, таму е самиот претседател, новиот претседател на САД, господинот Трамп, таму е госпоѓата Мекмахон и претседател на тој тим е Хауард Лутник. Тој беше тука разговаравме за нови проекти, остана подолго време комуницираме, денеска разменивме по некоја порака. Исто така господинот Рик Гренел, којшто исто така очекувам да биде од тимот на претседателот Трамп. Таму беше Девин Нунез, поранешен конгресмен, тој исто така беше дел од таа делегација која што беше присутна тука. Моментално ги води компаниите на господинот Трамп, ќе го видите денеска и него на бината исто така. Тука беше човекот од македонско потекло, господинот Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, исто така искомунициравме од позадината на самиот настан Така да има комуникација. Очекувам уште поголемо зајакнување на и онака исклучително добрите односи помеѓу македонските граѓани и граѓаните на САД.  Имаме одредени економски приоритети, рече Мицкоски. 

Тој нагласи дека очекува тие економски приоритети да бидат уште повеќе зацврстени. Повтори дека како Влада изразуваат голема поддршка на граѓаните на САД, што во еден демократски амбиент, донеле правилна одлука и практично го избрале новиот претседател на САД, Доналд Трамп. ац/ев/

ФОТО: Влада 

Остани поврзан