• четврток, 19 декември 2024

Мицкоски: Потегот на ДУИ со оставки е ништо, политички маневар за дефокус

Мицкоски: Потегот на ДУИ со оставки е  ништо, политички маневар за дефокус

Скопје, 31 јули 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оцени дека поднесувањето на оставките од министрите од ДУИ, чие ефектуирање тие го условија со гласање на уставните измени, е политички маневар за да се дефокусира јавноста.

Мицкоски вечерва во гостување на ТВ Алфа рече дека правото и процедурите не познаваат постапки како најави министерот за надворешни работи Бујар Османи дека утре министрите од ДУИ лично ќе ги потпишат и стават на маса условените оставки пред премиерот. 

-Многумина тоа го нарекоа потег, но јас се чудам зошто во суштина се придава значање на нешто кое во најмала рака не е ништо, зошто тоа нешто не е ништо. Денеска слушнавме од Бујар Османи дека тие утре лично ќе ги потпишале оставките со одложено дејство и ќе ги ставеле на маса кај мандатарот, кај премиерот Димитар Ковачевски. Такво нешто правото, процедурите не познаваат, таква методологија, таков начин на поднесување нити пак правото, ниту пак процедурите во Македонија согласно тоа кое што се прописи, закони и процедури не познава. Ова е чисто некој политички маневар за да се дефокусираме, да не збориме сега за аудито, за Соравија, да не збориме за имот по западна Македонија и така натаму, а од друга страна еве направиме нешто кое што нас ќе ни купи уште некој ден повеќе па потоа ќе има нешто друго и така натаму, рече Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Потегот од ВМРО-ДПМНЕ, посочи Мицкоски, ќе го видат на 18 август, за кога е закажана пленарната седница за предложените уставни измени.

Според Мицкоски, планот на власта е да дојдат до редовни избори односно и како уште неколку месеци повеќе да останат на позициите.

-Единствената работа која што вие ја имате на маса се предвремените парламентарни избори. И после неколку недели нападнати од афери за криминал, корупција, немање на реформи, анкети кои што мерат јавно мислење каде што се гледа дека губи и ДУИ, веќе СДСМ одамна ја има изгубено супстанцата и сега за да не зборуваме ние како јавност за тоа сега ќе зборуваме за ова, рече Мицкоски. 

Тој посочи дека суштината на владата на ДУИ и СДСМ не е европскиот пат, туку, како што рече „борбата на ДУИ е да ја намали победата и бројот на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори“.

-Не е на ДУИ и СДСМ суштината за европскиот пат, гледајте го тоа политички. Кај нив е важно посебно кај ДУИ, бидејќи СДСМ и така е завршена приказна, колку е можно помал број на пратеници ВМРО-ДПМНЕ да освои на следните избори и да се доведе ситуацијата да не може да направи влада без ДУИ. И во таа кампања СДСМ е тотално неупотреблива повеќе и затоа тие се обидуваат со така наречените политички партии кои што се опозиција на опозицијата да го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ, и некои такви егзибиционисти кои се активно претежно на социјалните мрежи да лиферуваат лаги и измислици и да го намалат потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, наведе Мицкоски.лв/

фото:ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан