• среда, 25 декември 2024

Мицкоски очекува ТВ дуел со Ковачевски со одговори на многу прашања за граѓаните

Мицкоски очекува ТВ дуел со Ковачевски со одговори на многу прашања за граѓаните

Куманово, 29 март 2024 (МИА) - Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува успешен дуел со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски што ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе им даде одговори на многу прашања кои не биле во можност да ги слушнат.

Во изјава по потпишувањето на Повелбата на партнерите од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кажа дека ќе презентира како ја гледа Македонија во наредните децении.

- Очекувам да имаме сериозна дебата за иднината на Македонија бидејќи досега 6,5 години, би рекол седум години се навршуваат на 1 јуни од Владата на СДСМ и ДУИ која покажа сè, само не државотворност, сериозност и план за просперитетна иднина на Македонија и граѓаните. Очекувам на тој дуел да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении, барем јас така ќе бидам подготвен и барем јас така ќе настапам. И посакувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и којшто ќе даде одговор на многу прашања коишто можеби ете граѓаните, не биле можност да ги слушнат, изјави Мицкоски.

Во однос на очекувањата на политичкиот опонент Ковачевски за претстојните избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „не очекува дека тој ќе се предаде и нема да го мобилизира членството“, но  дека и „ним им е јасно за поразот“.

- Нормално е дека Ковачевски ќе се обиде да најде начин да како се мобилизира, да го мобилизира своето членство, коалицијата којашто застана зад Димитар Ковачевски и СДСМ. Јас не очекувам дека тој сега ќе излезе и ќе развее „бело знаме“ и ќе рече предадени сме, завршена е работата Иако во тие меѓупартски состаноци, јасно им е ним и тие меѓу себе си кажуваат, лицитираат со бројки колкав ќе биде поразот, дали ќе биде со 30 пратеника разлика помалку од 30 пратеника разлика итн., рече Мицкоски.

Тој кажа дека ќе се фокусира на позитивна кампања, како што рече, за разлика од СДСМ.

- Напротив ја однесоа наназад Македонија и тоа е наш фокус како што кажав ние сме фокусирани не една позитивна кампања гледаме дека власта се фокусира на „црна“ негативна кампања, и тоа е она коешто можеби е дел од одлуките каква политика овие месец дена ќе води СДСМ, но ние сакаме пред граѓаните да излеземе со понуда на решенија на проблемите коишто сите граѓани ги чувствуваат. Нема да биде нешто ново ако ние кажеме дека тие не чинат, тоа всушност го чувствуваат и повеќе од 80 проценти од граѓаните. Нема да кажеме ништо ново ако кажеме дека повеќе од две третини од граѓаните сакаат оваа Влада да замине, тоа е веќе јасно чуство, јасна перцепција во јавноста. Ние сакаме конечно да вратиме надеж кај граѓаните дека може да биде поинаку и дека не се сите исти политики или политичаритоа е суштината, рече Мицкоски. ам/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан