• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски очекува да се постигне договор меѓу власта и синдикатите за платите на јавниот сектор

Мицкоски очекува да се постигне договор меѓу власта и синдикатите за платите на јавниот сектор

Штип, 8 јули 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува да се постигне договор меѓу синдикатите и Владата за платите во јавниот сектор.  

- Работниците кои се во јавниот сектор, но и не само тие кои sе во јавниот сектор, генерално работниците во Македонија заслужуваат поголеми примања имајќи ја предвид тешката економска ситуација во која се наоѓаме. Инфлацијата руши рекорди, највисока е во Европа. Најмалку што може Владата да направи како работодавач, но не само и Владата, туку и сите оние работодавачи коишто може да дозволат и коишто нивниот бизнис им дозволува треба да ги споделат овие тешки моменти заедно со работниците затоа што мораме да ги задржиме луѓето тука. A начинот да ги задржиме тука, е токму нивниот труд да биде соодветно валоризиран и платен, вели Мицкоски.  

Прашан како ја коментира изјавата на министерот за здравство, кој еден од пациентите со цистична фиброза нарече шоумен затоа што бараше помош преку медиумите за својата ситуација, Мицкоски со одговор дека е срамно тоа што го коментира министерот за здравство, бидејќи тие луѓе се борат за живот, за да преживеат.

- Јас имам еден совет до министерот за здравство, да си ги прибере луѓето кои ги има пуштено по веледрогериите и компаниите што соработуваат со Министерството за здравство и во негово име бараат провизија од тие веледрогерии и компании кои соработуваат со МЗ, бидејќи идната влада на ВМРО-ДПМНЕ многу сериозно ќе се позанимава со овие индиции, а богами и докази со кои располагаме. Да се фати за работа и да им помогне на пациентите бидејќи тој е министер за здравство, а не министер за циркус, па на тој начин ги коментира маките на луѓето кои се борат за живот, вели Мицкоски, кој денеска во Штип присуствуваше на камен темелник на изградба на катна гаража и на отворање на киното во Општинскиот мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“. вдј/цр

Фото:МИА

Остани поврзан