• среда, 18 декември 2024

Мицкоски: Очекуваме Гир и неговиот колега во Софија да разговараат со бугарската Влада и да го отворат патот на македонските граѓани кон ЕУ

Мицкоски: Очекуваме Гир и неговиот колега во Софија да разговараат со бугарската Влада и да го отворат патот на македонските граѓани кон ЕУ

Вевчани, 13 јануари 2023 (МИА) - Ние стоиме со амбасадорот Гир кон европската иднина и очекувам да го повика својот колега во Софија, да разговара со бугарската Влада во Софија и конечно да го отвори патот на Македонија и македонските граѓани кон Европската Унија, без диктати, без ултиматуми и без хегемонистички барања, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој ова го кажа во одговор на новинарското прашање како ја толкува изјавата на евроамбасадорот, Дејвид Гир, којшто вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ и ако тој лично се за Европската Унија јасно е што треба да направат за уставните измени, и дека нема повторно отворање на преговарачката рамка.

- Јас сум исклучително загрижен зошто не ги загрижува високото ниво на корупција, криминал, понижувањата што се случуваат при издавањето на патните исправи на македонските граѓани, срамот којшто секојдневно го сведочиме, насилството во М-НАВ, и се што претставува вистински проблем за македонскиот граѓанин, рече лидерот на опозицијата.

На прашањето за претседателскиот кандидат на партијата и дали ВМРО-ДПМНЕ би поддржала и непартиски кандидат, Мицкоски рече дека преку внатрепартиските анкети некаде во втората половина од февруари ќе знаат кој има најголеми шанси за кандидатура.

-ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и секој што ќе ги исполни условите може да се јави во внатрепартискиот процес којшто ќе заврши со конвенција којшто делегатите ќе го изберат кандидатот позади којшто ќе застане ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мицкоски.

Мицкоски на прашањето дали очекува некој од партиите од власта да се приклучи, тој рече дека има сигнали, многу од партиите кои се сега во власта, кои биле во власта, а укажуваат сигнали да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ.

-Очекуваме да ја прифатат програмата и платформата која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и врз основа на една таква платформа и програма да ја вратиме Македонија онаму каде и е местото каква што сакавме да ја видиме во оние рани 90ти. Да биде победничка Македонија а не ваква опљачкана, понижена и напуштена Македонија, посочи Мицкоски. 

Според лидерот на опозицијата, Власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите. 

Друг параметар, вели Мицкоски, од кој што може да се види дека нема еднакви и фер услови за сите во изборната трка е и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.

- Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото кое што му припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да издржиме уште овие три месеци до почеток официјален на кампањата, да ги совладаме а потоа да има одговорност, рече Мицкоски.хс/ев/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан