• вторник, 24 декември 2024

Мицкоски од Струмица: ВМРО-ДПМНЕ нуди 14.835 проекти за сите општини 

Мицкоски од Струмица: ВМРО-ДПМНЕ нуди 14.835 проекти за сите општини 
Струмица, 4 октомври 2021 (МИА) - Ова можеби се само локални избори, но ако се погледне подлабоко овие локални избори се многу повеќе од тоа. Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија. Изборот е едноставен, на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнација на државата, експерименти во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделието, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина. Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред граѓаните вечерва на митинг во Струмица. - Прашањето на кое сите ние треба да одговориме на овие избори е, дали сме подготвени да им подариме уште нови 4 години на истите луѓе кои веќе два пати до сега ги изневерија очекувањата, не држеа до зборот, даваа лажни ветувања, и потонаа опиени во својата моќ и ароганција, во корупција, играјќи си со вашите животи. Дали навистина сметате дека се најдоброто во државата? Дали Струмица и струмичани живеат најдобро, праша Мицкоски. Според Мицкоски, секое семејство во Македонија е задолжено по 4.500 евра. - Каква е реалноста? Повисоки цени, кои што го јадат семејниот буџет. Половина милион луѓе живеат со 150 денари на ден. Зголемени цени на маслото за јадење, млекото, брашното, а од денес повторно по којзнае кој пат се покачи и цената на бензинот, нагласи Мицкоски. Посочи дека се најавува сигурно и покачување на цената на струјата, за што, како што рече, тој го говорел подолго време. Најпрво, потенцира, ќе се покачи за стопанството, а потоа и за граѓаните. -Ветија раст на економијата од 5 проценти секоја година, а просекот во овие 52 месеци е четири пати помал, скромни 1.25 проценти. За овие 52 месеци секое семејство во Македонија го задолжија за 4.500 евра. Секое семејство во Македонија изминативе 52 месеци плати точно 4.500 евра за да може да трае политичката кариера на Зоран Заев, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Струмица. Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ нуди 14.835 проекти за сите општини кои значат решавање на проблемите на граѓаните. -Програмите кои ги нудиме содржат вкупно 14.835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Гарантираме изградба или реконструкција на 2000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини, дигитализација за ефикасни општини и многу други проекти, од кои што став во коски имаат овие неработници, криминалци и измамници, вети Мицкоски. Пред струмичани својата програма ја претстави и кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ,Жан Дрвошанов, кој истакна дека во Општина Струмица е потребна промена за да може да се реализира понудената програма. Карванот на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата попладнево одржа предизборни претставувања во Конче и Радовиш.рт/цр

Остани поврзан