Мицкоски од Радовиш: Новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор
- Новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор, уште еден значаен потег - а тоа е на 31 октомври. Зад параванот за гласање вие ја имате силата, вие сте силата на Македонија, а ни
Радовиш, 21 октомври 2021 (МИА) - Новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор, уште еден значаен потег - а тоа е на 31 октомври. Зад параванот за гласање вие ја имате силата, вие сте силата на Македонија, а ние сме вашиот глас во институциите, кои ќе ги менуваме, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од средбата со граѓани во Радовиш.
Мицкоски додаде дека новата иднина не е само испишаното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ туку е бедем, тврдина на принципи и морал кој сакаат да го внесат во македонската политика.
-Новата иднина е ново време каде народот мора да започне економски да се засилува. Да има повеќе пари за народот, поголема поддршка за земјоделците. Земјоделците се огромната сила на тоа тивко мнозинство за кое цело време говорам. Тоа е чесниот народ кој со пот и срце заработува за егзистенцијата на своите најмили. Време е државата да врати на овие луѓе кои секогаш и биле лојални на нашата Македонија, потенцираше Мицкоски од Радовиш.
Повика да престанат поделбите во државата и да се вреднуваат желбите и потребите на луѓето на чиј рбет се носи оваа заедничка Македонија.
-Доста и е на Македонија од конфликти и делби. Доста е од граѓани кои се делат на наши и ваши. Ова е нашата Македонија, Македонија на народот, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Го обвини лидерот на СДСМ дека ќе настапел со негативна кампања, со оживување на сеништата со кои Заев живеел длабоко во минатото.
-Ни стават во уста работи кои ниту сме ги рекле, ниту сме ги ветиле. Сето тоа треба да ве одврати и да ве натера да не гласате. Да помислите дека сите се исти. Нивниот поткуп и притисоци имаат намера да го обезбвреднат вашиот глас. Одговорот мора да биде масовна излезеност, бидејќи сме само на чекор до целта - победа за нова иднина, победа за нов почеток и нова надеж, подвлече Мицкоски.
Тој повика на заеднички патриотизам и според Мицкоски тој е кога на народот ќе му се понуди иднина.
-На овие избори се праќа силна порака до власта која владее цели 52 месеци, а на изборите бара повторно апсолутна моќ, освен во владата и во општините, и се однесува како да е опозиција и го потценува сопствениот народ. Сакаат да заборавиме кои се и што направија изминативе 52 месеци. Затоа, ги повикувам сите гласачи, кои сакаат нешто да се промени и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определија првично за нас, и оние кои се разочарани од политиката, ајде да се обединиме, повика Мицкоски од Радовиш.
Тој ги повика граѓаните повторно да го поддржат кандидатот за градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, бидејќи тој бил вистинското решение. Тој им се заблагодари на жителите на Радовиш кои гласале во огромно мнозинство во првиот круг, а водството на Ристов во првиот круг било доказ дека имале правилен избор за Радовиш и радовишани.
На средбата се обрати и кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов, кој пред граѓаните ги презентираше најзначајните проекти со кои ја бара нивната доверба. рт/вј/