• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски од М.Каменица: Со платформа „1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните

Мицкоски од М.Каменица: Со платформа „1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните

Македонска Каменица, 20 април 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денеска одржаа митинг во Македонска Каменица. На митингот свое обраќање имаше претседателот на партијата, Христијан Мицкоски и носителот на пратеничката листа и коалицијата во ИЕ 3, Драган Ковачки. Мицкоски порача дека се одлучни да направат трансформација во државата, со што ќе се врати надежта и оптимизмот.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ќе победат на 24 април, а на осми мај ќе се потврди победата со историски печат. 

-Мора победата да биде изразена со мнозинство во Парламентот. Тоа значи дека мора да имаме 61 пратеник за да можеме сето ова кое што јас го зборувам сега да го спроведеме и реализираме. Ние не сме чудотворци, чудата се невозможни, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само сакаме да ја пренесеме вистината онаа која што ние ја чувствуваме, да ја слушнеме вистината која што е поврзана со секојдневието, со реалноста и врз основа на можностите сето тоа да го реализираме во следниот период, појасни тој. 

Тој посочи дека огромен број на потребите на граѓаните се содржани во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ  „Платформа 1198“.  

-Бројка која што симболички сака да прикаже 1198 проекти, политики кои што во годините кои што следат ќе значат трансформација на Македонија, укажа Мицкоски.  Мицкоски ги замоли граѓаните да излезат во помасовен број на избори за да се победи оваа актуелна власт.

На митингот во Македонска Каменица, свое обраќање имаше и Драган Ковачки  носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тој рече дека по изборите, фокусот на Коалицијата ќе биде на изградба на инфраструктурата, многу нови патишта во Македонска Каменица и нејзино поврзување со Крива Паланка.

 -Во изминатиот период каде и да одевме се чувствуваше енергијата и желбата на луѓето за промени. Во изминатите денови се среќавав со пензионери, лекари, млади лица, со војници со полицајци и секаде каде што разговарав со луѓето сите кажуваат дека состојбата е претешка, сите беа разочарани од животот кој што го живеат и животниот стандард кој што е намален и од понижувањата и газењето на македонските национални интереси. Македонија ги живее најтешките години, но желбата за промени е толку голема, што силно ќе ги победиме, рече  Ковачки.

Тој посочи дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ја нуди програмата „Платформа 1198“, а ВМРО-ДПМНЕ се што ветува и реализира и затоа ја бара поддршката од граѓаните. 

Караванот на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата вечерва ќе биде меѓу граѓаните на Берово и Делчево, каде во 20:30 часот е централниот митинг, на кој обраќање ќе има и кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова.вс/бт/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан