• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски од Брвеница: Идната влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, а ДУИ ќе одат во опозиција и ќе има одговорност

Мицкоски од Брвеница: Идната влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, а ДУИ ќе одат во опозиција и ќе има одговорност

Тетово, 29 април 2024 (МИА) – Во рамки на парламентарната кампања „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце“ ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Јанчиште, Општина Јегуновце и во тетовска Брвеница.  Претседателот Христијан Мицкоски, носителката на кандидатската листа за шестата изборна единица Дафина Стојаноска како и кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова се обратиjа пред присутните граѓани.

Мицкоски, од Јанчиште, рече дека очекувале до 150 илјади гласови во првиот круг од претседателските избори, но има разлика од 180 илјади гласови, што според него значи дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот прави историски резултати.

-Сега следната наша цел повторно историска е за првпат некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција, да освои мнозинство во македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова.Јас сум убеден гледајќи го тоа што се случува овие пет дена од кога заврши првиот круг на претседателски избори дека и тоа ќе се случи. Ни остана помалку од една недела до денот на изборите и убеден сум од оваа енергија и емоција која што ја чувствувам од народот македонски дека и тоа ќе се случи, истакна Мицкоски.

Носителката на кандидатската листа за шестата изборна единица Дафина Стојаноска порача дека на 24-ти април огромен број на гласачи испратија силна порака до актуелната, но и до идната власт.

-На актуелната власт ѝ потпишаа решение за долгогодишен одмор, додека на идната власт  ѝ даваат можност да почне да ги исправа нештата, но без никаков простор за било каква грешка или пропуст. Додека актуелната власт се созема од добиениот нокдаун и најавува дека ќе почнела од нула, идната власт на ВМРО-ДПМНЕ потсетува на програмата платформа 1198 и на дел од инфраструктурните проекти за општина Јегуновце, рече Дафина Стојаноска на денешниот митинг во Јегуновце.

Од тетовска Брвеница, Мицкоски испрати порака дека коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, а иден претседател ќе биде Гордана Силјановска Давкова. Мицкоски истакна дека народот треба да се слуша и затоа ДУИ оди во опозиција и со тоа завршува една неславна ера на една политичка партија на политичката сцена во Македонија, неславна пред се за Албанците, но и за сите граѓани во Македонија.

Мицкоски додаде дека има политички партии кои на овие избори излегоа со свој кандидат кој се претставуваше како опозициски и бараше антивладини гласови и добија определен број гласови и сега активистите на тие партии се обраќаат кон граѓаните, зошто да гласате за ВМРО-ДПМНЕ, гласајте за нас, ние сме во коалиција со нив.

-Тоа не е точно, тоа е манипулација и тоа е лага. Едно е само вистинито, идната влада ќе ја предводи коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, а иден претседател Гордана Силјановска Давкова.  Тоа го прават затоа што се свесни дека немаат теортска шанса да се доближат до посериозен резултат и се обидуваат да добијат повеќе гласови за при формирање на идна влада да бараат лични работи. Затоа повикувам на обединување, околу бројот 2, изјави Мицкоски.

Стојаноска, од Брвеница, рече дека со „Платформа 1198“ за Брвеница се предвидува ново училиште во село Брвеница, доградба на градинката за згрижување на повеќе од 60 деца и спортска сала во Челопек

-Рекордот од Брвеница посебно ме радува, затоа што докажува дека тука – во Брвеница нема никаков проблем со тоа што живеат различни националности, бидејќи сите тие направија избор со кој покажаа дека се задоволни од работата и посветеноста на градоначалникот Јовица, без разлика на неговата партиска или политичка определба. Јовица, ова треба исклучително да го цениш и негуваш, иако сум свесна и имам на дело видено дека токму со личен пример самиот не правеше никаква разлика спрема жителите и населените места. Градеше и помагаше подеднакво секому и секаде. Водеше кампања откако стана градоначалник, а неговото мото на кампањата е само работа, постојан контакт со жителите и покажување слух и внимание за нивните барања. Резултатот го видовме на 24-ти април. Резултатот ќе го видиме и на 8-ми мај“, истакна Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6 од митингот во Брвеница.

Таа укажа дека ВМРО-ДПМНЕ во првата година ќе ги зголеми пензиите за 5.000 денари. ас/аа/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан