• петок, 27 февруари 2026

Мицкоски: Овие десетици илјади млади деца, кои во наредните месеци ќе се натпреваруваат, ќе израснат во луѓе што достоинствено ќе си ја промовираат татковината

Мицкоски: Овие десетици илјади млади деца, кои во наредните месеци ќе се натпреваруваат, ќе израснат во луѓе што достоинствено ќе си ја промовираат татковината

Скопје, 27 март 2026 (МИА) - Со денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови, земјата стана дел од „Плазма - Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиони деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит. 

Премиерот Христијан Мицкоски, на свечениот чин во Владата, истакна дека е чест за државата да биде дел од овој настан, бидејќи, како што посочи, оваа Влада посветува исклучително многу внимание во вложувањето кај младите. 

Тој нагласи дека демографијата претставува општ европски проблем и затоа е многу важно младите од најрана возраст да ги образуваме и да ги научиме дека иднината е во нив.

- Втората работа што за нас е важна како Влада е спортот. Јас можам да зборувам како неуспешен спортист во младоста, односно бев прилично успешен кошаркар кога бев тинејџер, тогаш во кошаркарскиот клуб „Работнички“. Се сеќавам, Пеце се спремаше за трансфер во тогашниот „ПОП 84“, тоа беше на почетокот на деведесеттите години, европски шампион во тоа време беше прво „Југопластика“, па потоа како „ПОП 84“, и се воодушевуваме како тој играше во градскиот парк, во таа мала сала којашто сега ја реновиравме и како Влада го поддржавме тоа нејзино реновирање. Но, потоа некако животот ме наведе по една друга траекторија, во една природно-математичка гимназија, па потоа на Машинскиот факултет, па потоа надвор од државата на магистерски, докторски студии, како професор на факултетот и еве веќе две години претседател на Владата, рече Мицкоски.

Премиерот потсети дека со преструктуирањето на Кабинетот, формирале за првпат Министерство за спорт, коешто пред оваа Влада беше Агенција.

- Се учиме заедно со Борко како е да се биде Министерство за спорт, бидејќи до пред оваа Влада беше агенција. Но, мислам полека, но сигурно, ги поминуваме оние првични предизвици и веќе застануваме на шини и почнуваме да функционираме како институција којашто треба да биде главна потпора на спортот не само во државата, туку и во регионот, рече Мицкоски. 

Со овој настан, додаде тој, ние правиме синергија помеѓу овие два приоритети на Владата - „тоа се младите коишто треба да учат витештво, коишто треба да учат фер-плеј, да го почитуваат противникот, да се учат на тимска игра, бидејќи во ера на социјални медиуми сето она коешто го гледате не е животот, животот е многу борба, животот е тимска игра и ако сакате да бидете успешни ќе морате да се научите на овие работи“.

- Да, постојат и индивидуални спортови, но генерално јас го сфаќам животот како една заедничка тимска игра и како дружење и да бидеме поддршка едни на други. Јас сум убеден дека овие десетици илјади млади деца коишто во месеците што следат ќе се натпреваруваат низ училиштата во земјата ќе израснат во луѓе кои достоинствено ќе си ја промовираат и љубат својата татковина, а истото тоа ќе го пренесат и на оние генерации коишто понатаму ќе се борат низ училиштата во државата. И убеден сум дека младите коишто доаѓаат до тука ќе бидат достоинствени претставници на македонскиот спорт на финалните игри во Сплит ова лето во август, потенцира премиерот. 

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер посочи дека овој настан е важен не само за регионот туку и за целата Европска Унија и дека нашата држава и регионот се блиски партнери на ЕУ. 

- Денес покажуваме дека се приближуваме уште повеќе едни до други, дека спортот не зближува. Спортот е една од можностите која дефинитивно не зближува. Премиерот и јас имаме некои заеднички работи кога станува збор за спортот, двајцата кога сме биле млади сме морале да одлучиме дали ќе се занимаваме со спорт или со други кариери. За младите луѓе спортот е неверојатна работа, тоа го гледаме и со моите деца, во мојот случај тенисот е најважен, но и фудбалот и ракометот, рече Брунер.

Тој истакна дека преку спортот се учат многу лекции, се учи и како да се губи. - Тоа и ние како политичари треба да го научиме и затоа спортот не учи како да изгубиме достоинствено. Ние како Европска Унија мора да го поддржиме ова. Се запрашав себеси зошто спортските младински игри доживеале таков успех. Се работи прво за корените, но и затоа што се отворени за сите. Тука лежи важноста на младинските спортски игри, додаде Брунер.

Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека овој проект значи жив спорт во училиштата, активни локални заедници и силна соработка меѓу институциите, федерациите и бизнис заедницата.

- Тоа значи можност илјадници деца првпат да облечат дрес. Да застанат на старт, да почувствуваат што значи да бидеш дел од тимот, да стекнуваат нови пријателства, да растат и да напредуваат. Особено ме радува што најдобрите од нив ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната завршница во Сплит. Не само како натпреварувачи, туку и како наши млади амбасадори на пријателството, почитта и спортскиот дух, рече Ристовски. 

Нашата цел е јасна, додаде Ристовски, да градиме генерации кои ќе победуваат со карактер, да создаваме спортска култура заснована на позитивни вредности и да ја вратиме радоста од спортот таму каде што и е местото, кај децата.

Познатиот српски кошаркарски тренер и поранешен кошаркар, кој е и амбасадор на игрите, Жељко Обрадовиќ, им посака на децата и на младите лиуѓе од Македонија, да се дружат со своите врсници и колеги од останатите земји каде што Игрите за млади веќе одамна зедоа голем замав.

- Младите луѓе и децата се нешто највредно во секое општество и навистина сакам да им посакам многу убави моменти и стекнување на она што е најважно - а тоа се вистинските вредности во животот, рече Обрадовиќ.   

На настанот беа присутни и шефовите на дипломатиите на нашата држава и на Хрватска, Тимчо Муцунски и Гордан Грлиќ Радман, амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ, како и евроамбасадорот Михалис Рокас.

Под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, Плазма Спортските игри за млади нудат платформа каде младите можат да се натпреваруваат во десет различни спортови и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина, учејќи за важноста на физичката активност, соработката и фер-плејот.

Договорот го потпишаа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија и Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади. Со оваа соработка помеѓу националните партнери и меѓународната платформа се отвора можност над илјада деца од различни општини во земјава да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари преку кои се промовираат фер-плеј вредностите, здравиот начин на живот, инклузија и пријателство меѓу младите.

„Спортски игри за млади“ ќе опфатат натпревари во 10 спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Тие ќе се одржуваат во април, мај и јуни 2026 година преку 18 спортски денови во кои ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари во Македонија ќе патуваат на Меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.

Со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа нашата држава им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, кои веќе ги имаат имплементирано Игрите. Истовремено, земјава креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата како во домашни рамки, така и на регионалната спортска сцена. нд/паг/

Фото: Влада

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан