• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Обединување за силна победа за да не бидеме предмет на уцени

Мицкоски: Обединување за силна победа за да не бидеме предмет на уцени

Скопје, 7 мај 2023 (МИА) - Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва порача дека пред партијата е победа на следните претседателски и парламентарни избори, но оти е потребно самообединување, како и голем одѕив и масовна поддршка.

-Од нас ќе зависи колку таа ќе биде голема и силна, затоа што нас ни треба голема и силна победа за да не биде ВМРО-ДПМНЕ и Македонија предмет на уцени. Да може ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните да ја води просперитетна, силна, стабилна и економски развиена Македонија. Затоа ни е потребно обединување, рече Мицкоски вечерва во обраќање на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. 

Најважно од се, дополни тој, е да излезете на избори, да се вклучите во политиката затоа што само така од внатре ќе ги менувате работите.

-Одѕивот мора да биде голем, а разликата да биде што поголема и јасна. Седењето дома и прифаќањето на тезата сите се исти или нека излезат другите јасно едека ќе се смени валсти. со што им го ублажувате поразот. Важно е да излезете на избори и одѕивот да биде голем за да ја испратиме ДУИ во опозиција, а политичките криминалци да одговараат, да го поразиме поголемиот брат од истата оваа коалиција која толку многу ја криминализира Македонија веќе 20 години по ред, рече Мицкоски.

Тој повторно го повика премиерот Димитар Ковачевски на тв дуел за Договорот со „Бехтел и Енка“, оценувајќи дека е чиста хипокризија ставањето европско знаменце на законите за изградбата на коридорите. 

Според Мицкоски, Ковачевски бега од народот за избори и од соочување со него затоа што, како што рече, нема одговори за тоа дека како премиер доброволно прифати работниците од својата држава да работат повеќе часови за да се полнат џебовите на надзорот, се согласил легалните и дивите објекти подеднакво да се обештетуваат, законите од правниот систем по кој тој работи да се суспендираат, плаќа стотици милиони евра за аванси и пенали на приватна компанија која ја договори без тендер и во четири очи.

- Нека не се плаши од соочување, порано или подоцна ќе се случи тоа. Еве ќе му дадам уште една можност, уште една предност, на таа дебата нека го донесе и вистинскиот премиер Али Ахмети, и било кој министер кој смета дека му е потребен. Јас сам ќе дојдам, тој ако му е страв сам, нека дојде со цела влада. Но, важно е да дојде на дебата за да види народот кој што крие и кој е во право..., истакна Мицкоски. 

Според него, „хаосот кој го има во секој сегмент од општеството се пресликува и во областа на заштитата на правата на жените. 

-На политичката сцена во Македонија се потребни многу повеќе храбри, мотивирани и општествено освестени жени. Само активното учество во креирањето на политиките за развој и просперитет на Македонија е најдобриот одговор на пасивноста која го одзема она што ни е најважно, правото да се слуша нашиот глас, порача Мицкоски.

Погрешен правец кој го трасира владата, наведе тој е следењето на лажен мејнстрим кој ни го продава пакувајќи го како некаква реформа во подобрувањето на правата на жената при што всушност станува нејзин најголем негатор, истовремено подривајќи ги основите на кои се гради нашето општество, а тоа е семејството.

-Ќе стават во учебниците фотографија или некаков натпис од кој треба да учат најмладите за исто полов брак, притоа образложувајќи дека тоа е новото нормално. Кога немаат суштина ќе се занимаваат со лоша пропаганда. За да го одвлечат вниманието од секојдневните кражби и порази кои ги нижат, а притоа подривајќи ги темелите на нашето опстојување како општество. Веднаш лепат неоправдана етикета дека противењето е чиста заостанатост и ретроградност, што воопшто не е така. ВМРО-ДПМНЕ држи до своите конзервативни вредности, затоа што идеологијата е таа која ги составува темелите кои се отпорот против сите потреси и бури. За ВМРО-ДПМНЕ семејството како заедница на еден маж и една жена кои споделуваат грижа за децата е природна форма на заедница. Не постои вистинска алтернатива на семејството. Во семејството се очовечува детето. Семејството има исклучително важна функција во општеството, рече Мицкоски.

На конференцијата се обрати  и претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, која порача дека Унијата ќе продолжи да биде значаен сегмент кој ги обединува сите жени за да се сочуваат македонските семејни вредности за кои, потенцираше, сме одговорни и имаме обврска да ги пренесеме на нашите деца.

-Ги поттикнуваме и охрабруваме македонските жени јасно да ја видат својата улога во општеството. Улога на модерна жена, но и чувар на семејните вредности и традиции, улога на добар претприемач но и добра мајка, жена и сопруга, жена која е посветена на кариерата, но и жена која не го заборава семејството. А токму семејството е основниот столб на секое општество и мотив за секоја една од нас, истакна Пешевска.лв/

фото ВМРО-ДПМНЕ 

 

 

 

Остани поврзан