• четврток, 19 декември 2024

Мицкоски: Не ја поминавме црвената линија, некој друг ја премина линијата на здравиот разум

Мицкоски: Не ја поминавме црвената линија, некој друг ја премина линијата на здравиот разум
Скопје, 27 јули 2022  Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Токму за време на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски на Будимпешта, каде остварија средба со Виктор Орбан -  премиер на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, во интервју за Еуроактив упати  критики до македонската опозиција -  дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог. „За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за  европскиот начин на водење политика,  многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“, изјави меѓудругото Вархеји. За оваа критика и за тековните активности на ВМРО-ДПМНЕ, ДВ побара одговор од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. ДВ: Ги поминавте ли црвените линии? -Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеји кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е  нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати - тргува со идентитетските обележја. Но исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот каде седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба. ДВ: Дали на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан ви беше пренесена слична порака, со оглед дека Вархеји потекнува од истата политичка опција? -Не,  разговорите со премиерот на Унгарија, Орбан,  воопшто не беа во тој дух. Напротив. Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите околу преговарачката рамка, и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото кое се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик, а за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ, сѐ додека некој од Бугарија не рече - доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба. ДВ: Вашите опоненти велат дека со ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште раководи Никола Груевски, дека оттаму добивате инструкции, а има и јавно искажани сомневања дека заедно со Груевски сте биле на средба кај Орбан... -Смешни се тие обвинувања и само ја покажуваат немоќта на СДСМ и нивните инсталации наменети да ја шират нивната невистинита пропаганда. Таквите дезинформации се и дефокус од реалните теми кои ги интересираат граѓаните, како што е инфлацијата, енергетската криза и асимилација преку прифаќање на протокол кој јавноста го виде откако се потпиша. Можеше да се претпостават реакциите на СДСМ, тие се истите копи-пејст од минатиот пат кога се видов со Орбан. Јасно им е и на тие инсталации позади кои седи интересот на СДСМ, дека доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и сега преку ваков или сличен притисок тие инсталации сакаат да фатат приклучок. Тоа е јасен показател дека ВМРО-ДПМНЕ е реструктуирана, реформирана народна партија за македонско национално единство. Додека јас сум претседател ВМРО-ДПМНЕ ќе биде народна партија која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО-ДПМНЕ. ДВ: Течат вашите консултации за референдумското прашање, но и шпекулации дека Собранието ќе се прогласи за ненадлежно околу распишување на референдумот, бидејќи рамката ја усвојува Владата и тоа не е прашање во надлежност на Собранието. Што очекувате? -Не се сомневам дека власта ќе направи сѐ само за да не се соочи со народот. Бегаат од референдум, бегаат од избори, а суштината е дека бегаат од народот. Ако Собранието било ненадлежно, зошто тогаш носеа заклучоци... На крајот, во заклучоците стои дека Собранието ѝ препорачува на Владата да ја усвои и прифати предложената рамка. И тука нема бегање преку барање на процедурално алиби. Воедно за сите детали околу самото прашање референдум, консултациите се во тек и во втората половина на наредниот месец ќе излеземе со прецизни решенија кои ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се срушат овие штетни политики и очигледни блокади. ДВ: Наќе Чулев, кој беше ваш партиски предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада, соопшти дека по 25 години повеќе не е дел од безбедносниот систем. Од Агенцијата за разузнавање објаснија дека до овој момент Чулев нема добиено отказ од АР, туку е суспендиран од работа, а причина за тоа било добиено Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Знаете ли за што точно станува збор во овој случај? -Наќе Чулев е врвен професионалец кој повеќе од 25 години работи во безбедносните структури, штитејќи го уставниот поредок и безбедноста на Македонија. Тоа парче хартија кое се пишува во политичките кабинети на безбедносните служби е само хартија каде по партиска директива и со мериторно мислење се прави партиски реваншизам. Изговорот е дека Чулев бил екстремист и радикал, а тој секогаш бил во првите редови за Македонија. Одземањето на безбедносниот сертификат е политичка нарачка. Впрочем причините за неговото отпуштање од службата по цели 25 години работа за Македонија е зашто Чулев им ги ловеше криминалите. Е затоа, за жал, во Македонија се останува без работа. Мојата целосна поддршка е за Чулев и знам дека нема никаква грешка направено, затоа што за мене е доблест, а не е грешка сакањето и работењето за Македонија. Со почит, Интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за „Дојче Веле“ Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
 

Остани поврзан