• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Не се откажувам од распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но чекам предлози

Мицкоски: Не се откажувам од распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но чекам предлози

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) – Не се откажувам од распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како реформа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по потпишување на договор за франшиза на Тиквеш инвест со хотелот Холидеј Ин во Кавадарци. Мицкоски во одговор на новинарско прашање вели дека чека предлози за реформи во судството, како и дека постојат икслучоци на корумпирани обвинители и судии кои им овозможуваат на неколкумина криминалци да мислат дека се над законот, но сепак, рече, тоа не е генералната слика. 

– Очајно молам за предлози за да не биде довербата кај граѓаните два проценти во правосудството, да не бидат криминалци чесни граѓани, а чесните граѓани да бидат криминалци. Зошто? Затоа што имаме исклучоци на корумпирани обвинители и судии, тоа не е генералната слика да се разбереме. На овој народ му е преку глава да се чувствува како граѓанин од втор ред во својата држава, затоа што неколкумина криминалци мислат дека се над законот, а тоа им го овозможуваат овие институции затоа што се таму благодарение на тие неколкумина политички криминалци и вистински криминалци. Јас толку знам, посочи Мицкоски.

Доколку бидат понудени подобри решенија, нагласи дека е подготвен да разговара, бидејќи, според него, нискиот процент влијае и на инвестициите во земјава.

– Подготвен сум да разговарам со секого. Секој оној којшто има некаква идеја нека дојде, подготвен сум да го сослушам. Само да не ми се појавуваат експерти вечни чиишто потоа презимиња случајно се појавуваат како нови членови на Судскиот совет. Такви експерти вечни ги знам нивните методи, ете тие не доведоа до овие 2 проценти, рече Мицкоски. ра/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан