• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Меѓувладина конференција веднаш, тие што доаѓаа тука и ветуваа, да си го одржат зборот

Мицкоски: Меѓувладина конференција веднаш, тие што доаѓаа тука и ветуваа, да си го одржат зборот
Скопје, 1 април 2021 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека меѓувладината конференција треба да се случи веднаш, а оние што ветуваа почеток на преговорите, да си го одржат зборот. Земјава, оцени вечерва Мицкоски, стори се и решението не треба да се бара во натамошни отстапки од нејзина страна. Се плус од она што досега го направивме, според Мицкоски, е апсолутно неприфатливо. Мицкоски потенцира и дека е јасен ставот на сојузниците, како и на американскиот Стејт дипартмент - Билатералниот договор треба да биде надвор од процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ. И тоа е тоа, рече, тука завршува се. -Меѓувладина конференција треба да се случи денес. Доста веќе македонскиот народ правеше отстапки. Доста е веќе. Имавме име кое никој го нема во светот, добивме пресуда во Хаг, не убедуваа дека џабе сме ја добиле, менувавме знаме, насила протуркаа промена на Уставот за промена на името. Сакам да си го одржат зборот тие што ветуваа, НАТО и ЕУ и да прават притисок врз Бугарија кај хегемонистичките политичари кои мислат дека живеат во 19 век. Сакам тие луѓе што доаѓаа тука, да си го одржат зборот. Веднаш и одма да се одржи меѓувладина конференција, не ме интересира друго. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати ниту една национална отстапка. Работата е сериозна, но решението не е тука. Тие што ветуваа, треба да си го исполнат ветувањето, подвлече Мицкоски. Тој очекува дека по изборите, Бугарија може да ја смени политиката доколку оние што ни ветуваа, ја искористат својата булдожер дипломатија. -Но, ако повторно се обидуваат кај нас да бараат решение, тогаш не можам ниту како Мицкоски, ниту како ВМРО-ДПМНЕ да поддржам ништо. Ниту запирка нема да поддржам зашто доаѓаа овде и ветуваа. Не гледаа во очи и ни ветуваа. Да си го исполнат ветувањето. Доста овој народ даваше. Доста е, потенцира Мицкоски. Според него, и ние сме Европа и по многу работи сме дури и понапред од некои земји - членки на ЕУ. -Веднаш да има меѓувладина конференција, без ниту една запирка сменето, а не циркузанти, поранешни политичари да спасуваат свои кариери, да ветуваат се и сешто. Ја немаат поддршката тие луѓе од народот, дополни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали за ова би разговарале со другите партии за постигнување општ нациоанле консензус, Мицкоски повтори дека тоа го предложил уште пред повеќе од една година. мч/скс/      

Остани поврзан