• среда, 18 декември 2024

Мицкоски: Засега не можеме да видиме дека Аровска ги спроведува проектите за Скопје

Мицкоски: Засега не можеме да видиме дека Аровска ги спроведува проектите за Скопје
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Претврдо е да се каже дека е објавена војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниката на Град Скопје, Данела Арсовска, рече лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Клик плус на ТВ21. Мицкоски не сакаше да ја коментира реториката што ја упати Аровска кон него на денешната седница на Советот на Град Скопје дека е „шпицен градоначалник“. Тој посочи дека се што е дел од програмата „За модерно Скопје“, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, а се што е надвор од програмата, ќе го критикува. Како што рече, ќе ја потсетат за тие проекти што ги заборавила, а за сето тоа што е спротивно од програмата, ќе бидат жестоки критичари. -На масата кај Арсовска е програмата „За модерно Скопје“ што беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Се од таа програма што ќе се постави пред Советот, ќе поддржиме. Ние и посакавме успешна работа и да почне да ги спроведува проектите, и за тие проекти ќе има безрезервна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Засега не можеме да видиме дека тоа се прави, рече Мицкоски. Мицкоски напомена оти немал информација дека градоначалничка Данела Арсовска ќе го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализации“, Златко Перински. -Не сум имал таква информација. Од тоа со што сум запознаел, Перински претпријатието го има подигнато на високо ниво, има зголемена добивка споредено со неговиот претходник, знам дека предлагаше неколку проекти во делот на енергетската ефикасност, рече Мицкоски. Тој рече дека со градоначалничката Арсовска се гледале до мај месец, имале често коориднација со дел од луѓе од Градот, да разговараат за проектите. -До тој период бев од блиску вклучен. Имавме некоја динамика која не се испочитува, но реков, ќе ги поддржуваме сите политики кои се дел од овој концепт, додаде Мицкоски. За тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ решило да ја поддржи Арсовска за прв човек на главниот град, Мицкоски кажа дека во тоа време верувал дека вонпартиски човек може да биде плус додадена вредност. Прашан дали би прифатил дуел со Арсовска, тој посочи дека можеби за таква дебата посоодветен би бил некој од советниците или претседавачот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. - Не дека јас одбивам дуел, туку за да имате подобра емисија. Јас сепак детално не сум запознаен со проектите во Градот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.бт/са/    

Остани поврзан