• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Жестоко ќе бидат казнети сите царински службеници што ќе работат надвор од законот

Мицкоски: Жестоко ќе бидат казнети сите царински службеници што ќе работат надвор од законот

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но, очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Царинската управа.

- Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога јас нема да ја предводам владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку на некој не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре што би рекле наште поискусни, рече Мицкоски на прес-конференција со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Тој посочи дека законот мора да важи за секого.

- И повторувам, нема политичка, етничка или верска припадност. Законот мора да важи на целата територија за секој. Секој кој ќе биде фатен, без разлика дали е од Дебар или Делчево, Куманово или Гевгелија, јас лично ви гарантирам, дека ќе биде изведен пред лицето на правдата. Никој нема право да го краде народот, додаде премиерот.

Мицкоски кажа и дека очекува да се случува рекордна борба и безусловна борба со криминалот.

- Сакам да кажам дека преку таа борба и резултатите со таа борба, ние практично очекуваме поголеми приливи во самиот буџет. Преку тие приливи во буџетот, ќе можеме да одвоиме повеќе средства за капитални инвестиции и за сите реформи што ги планираме да ги работиме, додаде премиерот.

Николовски рече дека во Царинската управа затекнале состојба, што тој ја опиша како „крајно разочарувачка“.  Царинските службеници биле демотивирани и неефикасни, при што резултатите биле крајно поразителни.

- Слаба контрола, а откривачки функции сведени на минимум. За само еден месец, во јули наплативме рекордни близу 12 милијарди денари или 16.6 проценти повеќе од минатата година истиот период што претставува историска наплата на приходи во еден месец. Анализата покажа дека зголемената наплата се должи на поголема количина пријавен увоз на цигари или за 127 проценти повеќе од јули минатата година, рече тој меѓу другото.

Според неговите информации, Мицкоски бил прв премиер кој дошол на посета во Царинската управа. бд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан