• среда, 18 декември 2024

Мицкоски: Единствена давачка за која се размислува е за усогласување на македонското законодавство со Глобалниот корпоративен данок

Мицкоски: Единствена давачка за која се размислува е за усогласување на македонското законодавство со Глобалниот корпоративен данок

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) -  Единствената давачка за која во моментот размислуваме е за усогласување на македонското законодавство со Глобалниот корпоративен данок, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали Владата размислува за зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.

Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе има усогласување на даночната политика со цел консолидираниот данок на профит од 15 проценти на компаниите што ги исполнуваат условите да се исплаќа во целост во државава.  

Според Мицкоски, компаните се информирани и немаат против.

-Сите компании кои на глобално ниво имаат приходи поголеми од 750 милиони евра, овде кај нас повеќе од 10 милиони евра и профит поголем од милион евра, мора да платат консолидиран данок на профит од 15 проценти. Кај нас од она што ние го детектиравме има три типа на вакви компании, првиот се оние што користат т.н даночни олеснувања кои се во слободните економски зони, вториот тип се компаниите кои користат вакви даночни олеснувања, но се надвор од слободите економски зони, а третиот вид се оние кои даваат услуги на слободниот пазар, како што се Телеком, А1, Цементара, ЕВН, ... Тие мора да платат 15 проценти данок, рече Мицкоски.

Во македонскиот даночен систем, продолжи премиерот, имаме рамен данок од 10 проценти. - Што ќе се случи? Тие што оствариле профит од 100 парички, ќе платат 10 проценти, 10 парички тука, а останатите пет ќе мора да ги платат во матичната држава. Тоа не е фер. Ако тие профитираат од македонските граѓани и ако македонските граѓани ги плаќаат своите сметки тогаш тие 15 проценти треба да ги плаќаат тука. Такво усогласување на даночната политика ќе има до крајот на годината. Од страна на Владата, компаните кои ги исполнуваат овие услови се информирани  и тие немаат против. Се останато што ќе биде донесено како одлука од страна на Владата јавноста ќе биде запознаена. Ова е законско решение, рече Мицкоски.

Премиерот одговараше на новинарско прашање пред учеството на денеската конференција на Институтот за комуникациски студии дали ќе се зголеми придонесот за пензиско и ивалидско осигурување за помош на одржливоста на Фондот на ПИОМ, откако Владата вчера рече дека нема да се зголеми старосната граница за пензионирање, како што препорача Фискалниот совет. лв/ев/

фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан