• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски до Памер: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат

Мицкоски до Памер: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски се сретна со новоименуваниот амбасадор на Австрија, Мартин Памер со кого разговараа за актуелната политичка и економска состојба и евроинтегративниот процес на државата.

Како што соопштија од партијата, од страна на Мицкоски било истакнато дека Владата на СДСМ и ДУИ на дневна основа се соочува со  нов коруптивен скандал во кои се вмешани првите владини функционери, додека стандардот и домашниот буџет на граѓаните опаѓа и дека поради тоа се потреби брзи предвремени избори.

На средбата станало збор и за уставните измени при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека остануваат на својот непроменет став дека нема да гласаат.

- Беше посочено дека бидејќи власта на СДСМ и ДУИ, нема 2/3 мнозинство, не ги става уставните измени на гласање и со тоа ги прекршува законските процедури и директно го крши Деловникот за работа на македонскиот Парламент. Ставот на партијата уште еднаш беше афирмиран од претседателот, дека никој од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени, бидејќи ова не е последното барање од Бугарија, како и дека билатералните односи не смеат да бидат дел од преговорите за членство на земјата во ЕУ, се наведува во соопштението.

На средбата, меѓу другото, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на Памер му посакал добредојде и успех во вршењето на функцијата амбасадор во земјава, а посебен акцент ставил на негувањето на пријателските односи меѓу двете држави, за што се заложиле за нивно натамошно продлабочување. вг/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан