• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски: Да овозможиме услови младите да останат во Македонија

Мицкоски: Да овозможиме услови младите да останат во Македонија

23 јули 2023 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната панел дискусија „Младински политики“ на Саем на проекти за млади „Иднина за сите во Македонија“ во организација на Унијата на млади сили, истакна дека главен фокус на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат младите, затоа што мора да им се обезбеди иднина и услови да останат во Македонија.

Мицкоски посочи дека младите тука не гледаат перспектива, не гледаат визија, не гледаат надеж дека  работите може да бидат променети, и ако државата се испразни таквата држава нема иднина и таквата држава полека но сигурно се распаѓа од внатре.

Оваа влада не успева да направи услови за младите да живеат тука, главен фокус во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат младите луѓе, ние тоа навистина го мислиме со низа политики кои планираме да ги водиме. Мораме на младите да им обезбедиме иднина, а таа сама по себе ќе донесе надеж Кога мислам на иднина не мислам само на економска, затоа што младите тука се чувствуваат обесправени, понижени, ограбени, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека затоа многу е важно тие кои се одговорни да ги овозможат сите услови и сите предуслови еден млад човек семејството да го направи тука, да го создаде во Македонија, тука да остане и тука да го гради својот живот.

-  Тоа е исклучително важно и тоа за нас како ВМРО-ДПМНЕ ќе биде главен приоритет, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски додаде дека економската програма е исто важен дел,. бидејќи со силна економска активност младите ќе може да ја бараат својата шанса.

- Секој од вас треба да има своја амбиција и таа ќе се реализира. Многумина од вас ќе бидат носители на функции, ако ги погледнете членовите на парламентот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе препознаете многу млади кои во минатото биле дел од УМС. Ако го погледнете составот на градоначалниците ќе препознаете многумина кои биле дел од УМС и ја добиле шансата денеска да менаџираат со големи општини, а тоа го прават многу успешно.

Мицкоски истакна дека како професор и педагог има можност секојдневно да се среќава со млади високо образовни академски граѓани, од кои за жал, осум од 10 дипломци велат дека после завршувањето и одбраната на тезата ќе се иселат и ќе ја напуштат Македонија затоа што чувствуваат неправда од системот, немаат надеж, се чувствуваат понижени, обесправени и опљачкани.

„Јас како професор на факултет, сега зборувам како педагог не како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, разговарам со студенти. Во минатото кога имав повеќе можности и време да работам со нив, бев често пати ментор на дипломски работи и до ден денеска сум член на комисија за дипломски, магистерски, докторски, можам да кажам дека осум од десет, дали дипломци, дали магистранти, докторанти велат дека после завршувањето на тезата ја напуштаа Македонија и се селат. И кога ќе ги прашаш, добро, што е причината, зошто тоа го правите, ќе ви кажат дека прво чувствуваат голема неправда од системот, затоа што системот е неправеден, второ нема правда, трето нема надеж и она кое што, можеби, во последно време најмногу го слушам, а тоа е дека се чувствуваат обесправени, понижени и опљачкани“, рече Мицкоски.

Посочи дека тоа е една голема трагедија затоа што ако светот останува на младите и ако државата се испразни и нема млади, таквата држава нема иднина и таквата држава полека но сигурно се распаѓа од внатре.

Тој упати порака до младите дека ВМРО-ДПМНЕ го брани и заштитува македонскиот народ и тие треба да се горди што се дел од УМС, воедно посочи дека сите твориме за едно големо семејство наречено Македонија.

- Она што е важно да се напомене дека мој личен фокус, како и на ВМРО-ДПМНЕ, бил, е и ќе остане младиот човек, односно младите. Вие сега го чекорите тој пат од Унијата на млади сили до структурите на партијата. Практично, иднината на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и на Македонија, целосно останува понатаму во ваши раце. Искуството кое ќе го стекнете сега, само понатаму во животот ќе го надоградувате, бидејќи велат имаме вродена и стекната интелигенција и вие ќе станувате се побогати не само со искуство, туку и пријатели. Мој совет е да се обидувате кај луѓето секогаш да го пронаоѓате најдоброто, рече Мицкоски.

Мицкоски им порача на младите да не се откажуваат туку при секој пад да станат и да продолжат напред, да продолжат да се борат.

- Кога веќе сите вие сте дел од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, крајната цел за која што претпоставувам работиме и твориме и едно големо  семејство наречено Македонија.  Ние сите сме дел од таа наша Македонија и претпоставувам најголемиот дел од вас, јас би сакал сите да останете во тоа семејство Македонија и тука да го изградите вашето потесно семејство, кое пак понатаму од вас ќе биде инфицирано со ВМРО-ДПМНЕ и љубовта кон татковината. Тоа така ќе се предава од колено на колено, ќе доаѓаат нови млади сили, тие ќе го наследуваат тоа од вас и тој еден циклус, кој го има во Македонија кој го има само една политичка партија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ, современото ВМРО, почива на она историското ВМРО кое имало за задача да ги брани и заштитува интересот на граѓаните во Македонија, пред се како мнозинска заедница мислам на македонскиот народ, децении и би рекол повеќе од еден век наназад,  рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека затоа треба да се горди и среќни што се дел од структурата наречена ВМРО-ДПМНЕ, во случајот, Унијата на млади сили.

-Многу е важно младиот човек да има амбиција и таа амбиција да може да ја реализира. Во ВМРО-ДПМНЕ порано или подоцна верувајте дека ако бидете истрајни таа амбиција редовно ќе биде исполнета, а потоа ќе дојде нова амбиција, и се така до оној момент додека не стигнете до крајната цел. Вашата амбиција во оваа структура, во оваа организација ќе биде реализирана.  Не беше така лесно пред 5 и половина години кога новото раководство ја презеде партијата, состојбата во тоа време беше многу предизвикувачка и сите вие кој повеќе, кој помалку бевте дел од тој мозаик кој се градеше овие 5 и половина години, а првите знаци на успех дојдоа на локалните избори 2021 година, кога со помош и огромна улога на УМС, ВМРО-ДПМНЕ и народот направија историски резултат, за прв пат во независна Македонија, нагласи Мицкоски.

Центар за комуникации ВМРО-ДПМНЕ 

фото:ВМРО-ДПМНЕ 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки. 

Остани поврзан