• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ отпочнаа 1096 проекти за нецели 100 дена

Мицкоски: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ отпочнаа 1096 проекти за нецели 100 дена
Скопје, 13 февруари 2022 “Секогаш кога застануваш зад идеја во која веруваш, испраќаш порака на мал бран на значајна надеж. Таа надеж прерасна во голем бран на многу оправдани очекувања и животи кои ја чекаат шансата за која сонувале.  А нашиот живот не смее да го поминеме во бесконечно чекање за некои подобри времиња, туку во акција за промена на нашата околина за да се случат тие времиња. Тие чекори започнаа, а наша заедничка задача е тие да станат моторот на ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА. Машина која се движи напред, која го побива звучниот ѕид, руши бариери, автомобил кој руши рекорди, носи сила, резултати и заеднички победи. Драги пријатели, Градоначалници, советници, Почитувани членови на Извршниот Комитет, на Унијата на Жени, Унијата на млади, Унијата на Ветерани, драги браќа и сестри, Еве не тука простум, пред народот и јавноста да соопштиме што сработивме, што направивме овие први 100 дена, затоа што отчетот е наша одговорност пред граѓаните од која нема да бегаме. Немам намера да се криеме и да дефокусираме, ветеното мора да се оствари, за се што сме решиле во овие први 100 дена, за се што не успеавме да решиме и за што работиме да откочиме и реализираме. Тука сме за народот, заедно низ сите бури и искушенија. Заедно со сите вас почнавме да работиме уште првиот ден. Не заборавивме од каде почнавме, но и што мораме да направиме. Секое наше ветување е обврска до која сеуште стоиме и за која сеуште се бориме. Но и да не заборавиме што затекнавме. Хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно презадолжените општини, не работата, неспособноста започнавме да ги менуваме. Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. А вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чувствува дека носиме ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВААТ СЕГАШНОСТА, ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА и промени за кои заедно се бориме. Кога политичките конкуренти напаѓаа, ние работевме, кога тие критикуваа ние решававме проблеми. Кога тие ја плашеа јавноста, ние создававме. И затоа се гласни кога треба да молчат. Ние ПОКАЖАВМЕ ДЕКА УМЕЕМЕ, И МОЖЕМЕ. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го содржи клучот-РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА. И да бидеме малку математички прецизни. Во изминатите сто дена започнавме повеќе 1000 проекти. Или точната бројка е 1 090 проекти за сто дена. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија онаму каде што градоначалници се избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Започнати се со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од приближно 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се 200 диви депонии. Општините ги отворивме за граѓаните. За услуги за кои се чекало со години, денес се потребни минути. Предмети за легализација на дворови, доградби, меѓи седеле низ архивите на општините. Сега за само сто дена во Кисела Вода се легализирани повеќе од 490 дивоградби, во Битола издадени се повеќе од 1100 решенија за легализација, со несмалено темпо овој процес се случува насекаде во Македонија каде што градоначалници се избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или коалицијата Дозволете да издвојам мал дел од над 1000 проекти на кои се работи низ општините каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник или тој доаѓа од коалицијата која што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ. Во Битола е започната подготовка на документација за изградба на нов спортски комплекс како и проект за реконструкција на 23 улици. Во тек е реконструкција на Мостот кај Безистен и уште многу други проекти. Во Охрид завршен е проектот за замена на водоводна и канализациона мрежа во ОУ Братство-Единство во населба Лескајца. Завршен е тендерот за реконструкција на училиштето Св. Кирил и Методиј, за Гимназијата Св. Климент Охридски изработени се проекти за внатрешно уредување и надворешно уредување. Продолжува проектирањето и реализацијата на канализациони и водоводни мрежи. Во скопски Аеродром се започна со градба на две нови градинки. Општината започна со проект за нула корупција и за нула отпад во Аеродром. Се запира урбаното дивеење и се бришат маркици за градба на згради во густо населените области. Во Ѓорче Петров во тек се градежни зафати за реконструкција на ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и се започна со работи и градба нов мега парк во оваа општина,  притоа се исчисти најголемата дива депонија во Ѓорче. Во Гази Баба започна втора фаза од фекалната канализација во населено место Гоце Делчев, инвестиција вредна 10 милиони денари. За 100 дена се изврши реконструкција на кошаркарското игралиште во училиштето „Григор Прличев“ во Железара, и уште многу други проекти, канализациони и водоводни мрежи. Во Бутел отпочна со изградба општинското основно училиште во населено место Визбегово. Инвестирани се 13 милиони денари за опрема во образованието. 10 милиони денари инвестиции во зградите на основните училишта. Во Штип почната е постапка за изградба на детска градинка во населба Пребег, а започна и реконструкцијата и проширувањето на крстосницата во населба Сењак. Се реконструираат 16 улици. Во Велес се финализираше горниот дел од новиот Градски пазар, а се работи на инвестиции за 10 нови водоводи и канализации. Во Кочани започна со градба канализациона мрежа во Тркање и нов потесен цевковод во Грдовци, како и реконструкција на две основни училишта во градот. Во Свети Николе во тек е изградба на нова противпожарна станица, започната е изградбата на детска градинка во Ерџелија, а во Виница во тек е изградба на затворен градски пазар и реконструкција на домот на култура „Тошо Арсов“. Во Илинден се гради фекална канализација во локалитет „Јака“, и е во тек градба на ново основно училиште. Во Петровец направен е нов урбанистички план во Ржаничино за изградба на нова детска градинка, реконструиран е детски забавен парк во населено место Долно Коњари и уште многу други проекти. Во Прилеп се прави реконструкција на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, комплетна реконструкција на влезот во градот од Крушево кон Прилеп и доизградба на детска градинка во населба Точила. А во Радовиш има изградба на пристапен пат до градски водовод 2000 метри. Склучен е договор со Европската делегација за реализација на проектот „Зелена топлина“ во износ од 1милион евра. Склучен е Договор за изградба на локален пат Дамјан - Погулево во износ од 17 милиони денари. Во Кавадарци се работи на нова детска градинка, изградба на нов зелен пазар и на нов парк Киро Крстев, како и на две нови спортски сали. Се работи и во малата општина Брвеница каде се врати во функција спортската сала Кочо Рацин и фудбалското игралиште, а во Јегуновце се заврши изградбата на колекторот за фекална канализација од Жилче до Шемшово. Се работи буквално во секоја една општина каде градоначалници се луѓето на ВМРО-ДПМНЕ. Се работи и на стотици други проекти, во кои нема да навлегувам поединечно и барам да ми простат сите останати кои нема да ги споменам денес, затоа што списокот е предолг. Но во периодот што следи ќе се презентираат поединечно и секој градоначалник ќе направи индивидуален отчет за она што е сработено. Во исто време ќе направиме и отчети по региони при што ќе ја продолжиме комуникацијата со граѓаните, заедно да реализираме и заедно да се подобруваме. Нема да пропуштам да кажам збор два и за Скопје и за тоа како работи градот. Гледам дека Данела Арсовска е под постојани напади за тоа како се води градот, и тука најгласни се оние кои го потонаа градот во проблемите од кој сигурно градот се крева и ги решава. Дали може подобро? Многумина ќе кажат може подобро, а јас ќе кажам ќе биде подобро, бидејќи друга опција нема. Макотрпно работат и директорите на јавните претпријатија, и дневно реализираат проекти и решаваат проблеми. Перински од скопски Водовод и Јане Мицевски од скопска Дрисла ги доближуваат институциите до граѓаните, Димитровски од Лајка, Илиевски од ЈСП работат на одржливи решенија за Скопјани, исто како и Бојан Христовски од Градски Паркинг, заедно со останатите директори дневно решаваат проблеми. А нападите на власта, од оние чиј резултат е нула, па би рекол минус за Скопје ќе продолжат дури и тогаш кога во Скопје ќе се случат во периодот кој што следи многу убави и големи работи. Навикнете се на нивната злоба и завист, тоа се луѓе кои што само тоа го знаат и многу да крадат. Но, тие нека крадат уште малку, а ние ќе работиме кога ќе ја преземеме власта следи одговорност. Драги пријатели, Имајќи ги во предвид сите овие проекти кои ги споменав секој си го поставува прашањето  дали сето ова е доволно? Секако дека потребно е повеќе и уште подобро. И ние не застануваме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Бевме заедно кога имаше и поплави, и кога имаше пожари, и кога тутунот не се откупуваше и кога државата затвораше врати за народот. Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за иднина. Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПОШИРОКИ! И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме. ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти. Ги менуваме општините. Новите градоначалници носат проекти и промени кои се чувствуваат и гледаат. И ЌЕ СЕ ИЗБОРИМЕ, за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА за секој еден човек! А локалната самоуправа, општините се крвоток на слободата во една држава, и тоа е островот од кој започнуваат промените за иднината за која се бориме за секој човек. Драги пријатели, Можам слободно да кажам дека овие градоначалници се една генерација на нови политичари кои ги почнаа промените, и во овие триесет години Македонија немала луѓе кои работеле по посветено и посилно за да се придвижат работите. Без ниту еден скандал за 100 дена, чесно и со мисла како да се служи на народот тие промени ќе се шират и ќе бидат позитивниот ветар кој и треба на Македонија. И не го кријам задоволството од сработеното, затоа што се сеќавам на часовите и деновите заедничка и посветена работа да направиме нешто добро за граѓаните. И притоа овој резултат од повеќе од 1.000 проекти за само 100 дена е дотолку повеќе успешен затоа што се затекна хаос, вистинска катастрофа во општините, цунами од проблеми за кои многу ретко зборував овие три месеци. Но, морам да спомнам дека четири години ништо не се работело претходно. Андон од Гевгелија, вели барем еден проект за градба за нешто да изработиле, за да има од каде да почнеме. Не нула, минус се работело. Малата општина Илинден за жал е со вкупен долг од над 4.300.000,00 евра. Пет милиони евра долг на Општина Прилеп. Повеќе  од 5.5 милиони евра долг на ЈП Исар во Штип. Малата Брвеница со долг од 1.5 милион евра. Или Општина Ѓорче Петров која во првиот месец мака мачеше да исплати плати, па згора на тоа наследи нова општинска зграда која беше ограбена. Не го говорам ова за да наоѓам оправдувања туку само да ја потенцирам каква е борбата и на Аце, и на Андон, и на Александар, и на сите оние кои што изминативе 100 дена работеа и ги решаваа проблемите и го средуваа хаосот што го наследија од нивните претходници од Социјалдемократскиот сојуз. Воедно дозволете сосема на кусо да се посветам и на еден процес кој што се случува во државата, а тоа е акција на оркестрирано и систематско уништување на единиците на локалната самоуправа од страна на централната власт, од страна на Владата на ДУИ администрирана од Ковачевски, СДСМ. А, за ова што го тврдам ќе кажам најмалку две причини. Првата е намалувањето на дотациите и трансферите кои по закон следуваат од централниот буџет кон општините за нормално работење. И наместо сумата да се зголемува како што тоа во случај изминативе четири години, општините кои го полнат буџетот и се столбот на економскиот развој да се развиваат имаме обратен процес на свесно осиромашување. Владата намерно, свесно, смислено, злобно ги крати парите кои што следуваат како дотации за вработените во градинките, во образованието, и во  општините каде што градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или Коалицијата. Втората причина дека ваквото систематско осиромашување постои говори и фактот дека ударот од енергетската криза е токму врз општините, а тоа значи на самите граѓани, додека владата не прави ништо за да помогне. Владата ја донесе кризата, а општините ја плаќаат. Имено сметките за струја вртоглаво растат, а испорачувачите на електричната енергија ги откажуваат договорите за снабдување со струја. За 4 до 5 пати повисоките сметки треба да се платат со парите на граѓаните, а тоа значи дека ќе има помалку пари за реализација на капиталните проекти. Сето ова силно ги осиромашува општините, а владата не помага. И утре доколку се случи ескалација на оваа состојба секој еден граѓанин во Македонија треба да знае дека вината за ова лежи во неспособната и криминалната влада на ДУИ и СДСМ. Мотивот позади ваквиот систематски атак врз општините од страна на централната власт е политички и исклучиво поради личните и партиски интереси на дружината ДУИ - СДСМ кои наместо времето за работа го користат за криминал, и опструкции на другите кои работат, градоначалниците, советниците, административците во новата администрација предводена од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои се она што оваа власт не е. И треба владата да знае дека ударот врз општините значи удар врз својот народ. А, која влада удира по народ, на таа влада и се случува - народ! Драги пријатели, Дозволете да се осврнам во завршниот дел и на неколку актуелни теми. Има една крупна разлика околу барањето за предвремени парламентарни избори. СДСМ и ДУИ на тоа гледаат како процес со кој се става крај на нивното неспособно владеење, како и крај на злоупотребата на привилегиите на грбот на овој напатен народ. И затоа бегаат од избори. Но, ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори гледа како на решение. Решение да престане падот во економијата и да се заштити стандардот на граѓаните. Решение кое ќе стави крај на енергетската криза, и да се почне борба против криминалот и корупцијата. Решение за заштита на идентитетот, и продор во европските интеграции. Да се стави крај на празниот од кон ЕУ, крај на трговијата со нашите чувства и достоинство, и да кажеме дека Европа е нашиот сон, но нема да потклекнеме во одбрана на нашите национални вредности. Избори остануваат. Тие ќе бидат решение затоа што со оваа влада сосема сигурно е дека и последниот скептик во Македонија знае дека нема да биде подобро. Моите најголеми грижи се за националните предавства затоа што нема единство за Гоце во Парламентот и тоа предавството доаѓа од Македонецот од СДСМ. Моите најголеми грижи се за слабата економија, и за фактот дека народот живее вистински лошо. Нема производ по маркетите кој драматично не е поскапен, бензините постојано поскапуваат, парите и платата кои ги добиваат луѓето губат вредност, затоа што со 1.000 денари за пазарање се купува многу помалку од годината претходно. И не е доволен раст на минималната плата, туку е неопходен сеопшт раст на платите. И затоа предлагаме покрај растот на минималната плата, раст и на платите во јавниот сектор, скалесто, според тежината на работните места и коефициентот утврден со колективните договори. Потребна е повисока плата и за останатите професии, затоа што и тие се на работ на егзистенција. Потребен е и нов раст на пензиите, каков предлагаме во Собрание просечно од 20 проценти, или по 3.000 денари за секој пензионер месечно. А, владата мора делува и во насока на замрзнување на цените на бензините, како и намалување на акцизата за што наредната недела ќе предложиме и законски измени во Собранието. Државата мора да се откаже од своите привилегии за сметка на зачувување и заштита на стандардот на граѓаните. Наместо да краде од тендери во четири очи во ЕЛЕМ, и да краде купувајќи скап мазут за ТЕЦ Неготино тие треба да се скратат, не само лоповлукот и привилегиите што ги уживаат. Не смееме да бидеме држава на богата влада, а сиромашен народ. Пред некој ден во мојот кабинет разговарав со еден триесетгодишен млад човек од Струшките села. Вели порано кога ќе отидев во моето родно место имаше триесетина мои другари со кои живееме и другарувавме заедно. Денес не можам да најдам повеќе од тројца. Сите се иселија низ Европа и Светот. Вели, не можам ДУИ да чекам да го донесе она што 20 години го ветува, без да испорачаат резултати. А истото е и со останатите делови на Македонија. Маката на народот е иста. И ќе бидам брутално искрен дека глупави, вистински глупави се оние фалби на владата дека само што не почнало мед и млеко да тече и дека гастербајтери се враќале за да ја уживаат минималната плата на Таче и Ахмети во родната грутка. Аман Таче немој со вакви глупости. Доста беше еден Заев. Додека вие се сликате насмеани пред камерите уште десетици автобуси ја напуштија нашата држава, а на народот му се превртува стомакот од вашите евтини гротески. Почитувани пријатели, како општество не смееме да тонеме во калта која уништува човечки судбини, да имаме ерозија на моралните вредности, изместени критериуми, лажни величини и статус кво состојба од која ќе ви кажат дека нема излез. Немојте ни да очекувате дека чекорите нанапред ќе ги направи актуелната власт затоа што тие ја поминаа границата од која нема враќање. На нас, луѓето на Македонија кои веруваат во новиот патриотизам, заедништво и иднина останува да ги движиме работите и создаваме промените. Не смееме да дозволиме повеќе да се гледаме партиите низ нишанот на омразата и бесконечното ривалство кое не оддалечува од основите поради кои оваа земја и нашата нација постојат. Гледајќи се низ нишанот минуваат животи, судбини, генерации Македонци си заминуваат. Државата ја има помалку. И знам дека можеби ова може и мене да ми предизвика штета, но до кога ќе се делиме, на ваши и наши, на леви и десни. Македонија е земја на слободни индивидуи, каде Македонците исто како и сите останати ја љубат слободата, еднаквоста и солидарноста. Нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркост, пот и крв дадена за она што денес многу лесно се тргува, а многу тешко е спечалено. Не прифаќам фрази каде во привидното решавање на проблемите премиерот ќе каже историјата да ја оставиме на историчарите, а политиката на политичарите. Ние не сме до тука дојдени во овој очај на откажувања и порекнување затоа што историчарите се мешаа во политиката, туку затоа што политичарите не се занимаваа со политика. И многу ми е криво што политичкиот естаблишмент на власта не најде за сходно да се утврдиме во нашата единствена неподелена тврдина Гоце Делчев, зошто неговата суштина на животен пат и борба беше обединувањето за слобода и самобитност, а не поделбите. Од таа гледа точка Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна. И затоа што на крајот, со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нас ни е најмило. Со тоа што источниот сосед ја негира македонската вистина за Делчев, ни удираат во темелите. Со тоа што ја негираат нашата историја и јазик сериозно ги нишаат столбовите од нашиот дом. Со тоа што ни ја блокираат нашата европска иднина, не ни дозволуваат да имаме кров и облик на нашиот дом каков што сакаме да го имаме и каков што треба да го наследат генерациите после нас. Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Јас сум свесен дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото. И затоа сакам да му порачам дека ВМРО, и историски, и суштински. и денес политички е вграден како еден од најважните стожери и столбови на нашиот дом- Македонија. И кога ќе се најде оваа влада пред ударите кон нашиот дом, ВМРО-ДПМНЕ нуди единство, договор за она што е наш заеднички супстрат и поддршка за заштита на националните, стратешки и државни интереси на нашата Македонија. И домот ќе биде цврст колку се силни темелите и столбовите на куќата, и не е реткост било кој дом да биде на тест на разно разни потреси и удари, но се додека се држиме едни со други, се додека ја крепиме куќата, домот ќе остане неподелен и цел. А што е домот, ако не луѓето во него. ВМРО-ДПМНЕ е со народот заедно во тој дом, но го гледам Ковачевски и тие околу него дека се надвор, дека не го споделуваме истиот товар. Затоа нудам единство, а ВМРО својата потпора за нашиот дом и само за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него. Македонија е нашиот дом, а ние како народ мора да бидеме единствени и од тоа нема да има поголем аргумент овие луѓе во преговорите да останат внатре во нашиот дом, да не излегуваат и да не потклекнуваат пред било кого. Ние сме надвор од преговорите, но мојата поддршка за заштита на националните интереси на Македонија, нашата посебност, идентитет и иднина е бланко кога се во прашање овие фундаменти на постоењето на нашата Македонија. Спремен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена. Треба да знае во состојба на силни удари, предизвици ВМРО останува да биде тој стожер на нашиот дом. Воедно имаме и многу отворени внатрешни прашања. Тука се темите за една изборна единица, постоењето на нефункционалната пржинска влада, намалувањето на бројот на пратениците во собранието за пофункционален законодавен дом. Се чини дека многу јасно се виде дека на сите овие прашања се удавија владините партнери СДСМ и ДУИ и излезе на површина нивниот неискрен однос. Тука се и прашањата за енергетската криза која не гледаме дека се намалува, како и предвремените избори кои се решение за излез од многу состојби во нашето општество. Ова се прашања кои се отворени, но и ова се прашања чие решавање не чека сите нас. И бидејќи се поставува прашањето дали сум подготвен да разговарам-кога е интересот Македонија и народот немајте дилема. Ќе разговарам со секого, на секоја тема, затоа што тоа е одговорно и тоа е лидерството кое го бара и и треба на нашата земја. Доаѓам да разговарам, дали тоа се викало лидерска, или очи во очи состанок, ако тоа е во интерес на моите граѓани и Македонија немам дилема. Во време кога народот гладува, кога земјава се помалку ја има, нема гледање низ нишани и тоа е најмалку нешто што можам да го направам. Мора да се држиме на вредности и принципи. А тоа подразбира да има и одговорност за сите кои се огрешиле, за сите криминали, грешки, подлости и неправди. Тоа допрва ќе дојде, ако мислат дека излегоа од политиката и сме заборавиле, се лажат. Ние можеби простуваме, но не забораваме. Одговорност ќе дојде без која не може да се оди напред и тоа е нешто што го должиме за да се случи катарзата  во нашето општество. Еднаш засекогаш. Доста е тапкање во едно место. Одиме напред, одиме цврсто, мораме да донесеме иднина за нашата Македонија. Со мобилизација на голем број на млади умови, мудри глави, еминентни личности. ВМРО ДПМНЕ не застанува тука, допрва доаѓа вистинската преродба, вистинските промени за иднината во која веруваме и за која се бориме. Драги пријатели, Овие промени кои ги направија за само сто дена градоначалниците се искра надеж, но и огледало за тоа што можеме да направиме за нашата Македонија. Секое исправување, секој проект е една наша заедничка победа. А таа победа е промената која треба да се случи за иднината на нашата држава. Тие мали победи се кимвалот на промените кои доаѓаат и кои мора да бидат движење, организирана волја на сите слободни индивидуи, паметни млади и стари, десни, центар и леви, христијани, муслимани, атеисти. Затоа што е тоа е Македонија, една, наша заедничка, за секогаш. Борбата продолжува и победата е тука. За промени што носат идина. За Македонија која е нашиот заеднички дом, силен, модерен, цврст. Навистина никој ништо не ни може. Да сте живи и здрави, Да живее Македонија! Обраќање на Христијан Мицкоски на настанот „Промени што носат иднина"-100 дена градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“

ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан