• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе жалба за Талир 2 откако ќе ја добие пресудата

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе жалба за Талир 2 откако ќе ја добие пресудата
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - На власта на СДСМ и ДУИ и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија и затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси. Едниот е посипување на лаги кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Неговиот став, како што рече, и натаму е „и родената сестра ако се огреши пред законот треба да одговара, но не преку политички монтирани процеси и окторирани и партизирани обвинители и судии“. - И немам дилеми дека треба да има апсолутна правда, безусловно почитување на законите и Уставот. Но, сето тоа треба да биде низ правна процедура. Сакам да ја искористам оваа можност ги пренесам до јавноста правните факти за случајот Талир 2 кој за жал нити обвинителството, а нити партизираното и корумпирано судство и судија ги земаа во предвид, посочи Мицкоски. Наведувајќи ги овие, како што вели, правни факти, Мицкоски посочи дека самата објава на оваа пресуда наликувала на се освен на процесно дејствие. Истата, според него, наликувала на „политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите“. Додаде и дека истечен е рокот за да се води каква било постапка за овој предмет. ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што потенцира, се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без притоа да се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка. - Во случајот воопшто не бевме сослушани, немавме право да си го кажеме нашето мислење и аргументи, рече Мицкоски. Кривичниот суд, додава, надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата. - Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден. ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски. Иако, вели Мицкоски, во вештиот наод на одбраната во оваа постапка се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во предметниот период имала и други приходи од членарини и од буџетот кои биле доволни за да се купат останатите партиски простории лоцирани низ државата, судот по барање на обвинителството без да обезбеди супер вештачење донело одлука за конфискација на истите. - Како обвинителството и судот утврдија дека предметниот Договор е незаконит затоа што бил несразмерен? Затоа што согласно Законот за процена на имот и Методологијата за изготвување на проценки, за идна градба, односно идна недвижност не може да се изготви проценка на пазарната вредност на истата. Од каде знаат колкава ќе е вредноста  на објектот на партнерот  во договорот? Можеби ќе биде милијарда евра, па делот кој го отстапуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде едноцифрен број на проценти. Од каде знаат колкава ќе биде вредноста, може ли некој да даде таква проценка на идна недвижност, тоа е спротивно на законот. Доколку правното лице незаконито на тендери, преку финансиски криминали се богатело, зошто обвинителството до сега не отвори ниту една кривична постапка за истото?, прашува Мицкоски. Оваа претпоставка, вели тој, е недокажана и нема ниту еден материјален доказ. З - Затоа повторно напоменуваме, партијата во оваа постапка не е обвинета. Но за приватното лице и неговиот имот нема никаква постапка нити пак решение за конфискација на било што. Судот утврдил дека БЕТОН е оштетен, а сопственикот на БЕТОН на последното рочиште пред да се објави пресудата, пред судот изјави дека договорот што го склучила неговата компанијата со ВМРО-ДПМНЕ за нив бил исплатлив, вели Мицкоски. Најави дека на сето ова ќе вложат жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд. - Не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт, заклучи Мицкоски. мс/бк/  

Остани поврзан