• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, но да се воздржи од гласање за неа 

Мицкоски:  ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, но да се воздржи од гласање за неа 

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) –  Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека партијата што ја предводи треба да учествува во преодната влада, но истовремено да се воздржи од гласањето за неа. Во претстојните денови, како што најави, партиските органи треба да го донесат и партискиот став.

-Мојот став е дека во едни вакви услови, кога е тоа регулирано со Закон, ВМРО - ДПМНЕ треба да учествува во таа техничка влада. Треба да номинира свои претставници, но истовремено треба да се воздржи од гласањето на составот на таа влада, затоа што цениме дека е спротивен изборот на првиот човек којшто ја води таа влада, од законот на којшто таа техничка влада се повикува како орган,  рече вечерва Мицкоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. 

Според Мицкоски, номинирањето на Талат Џафери за технички премиер е неуставно и спротивно на Законот за Влада, затоа што, како што рече, тој не е предлог на најголемата политичка партија на власт.

Мицкоски најави дека во случај партиските органи да прифатат учество на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада, ќе предложат закон во Парламентот со кој техничката влада од 1 јануари 2025 година ќе замине во историјата. 

-Принципиелно е, затоа што потоа ќе предложам на органите на партијата да предложиме закон со кој техничката влада од 1.1.2025 година ќе замине во историјата, рече Мицкоски, прашан дали ставот да се учествува, а да не се гласа за техничката влада е „ситна политикантска финта“. 

За него и за многу уставни експерти кои ги консултирал, како што рече, техничката влада е имплант спротивен на Устав.

- Во услови кога понудивме да нема техничка влада, во услови кога понудивме да одиме на овие избори со политички избрана влада, па дури и доколку тие имаат некаков си политички договор, повторно можеше  тие да си го испочитуваат тој договор, а да нема техничка влада. И тоа не значи дека условите се повеќе демократски, туку едноставно цениме дека еден имплант на нашето законодавство, кое што де факто, а и ако ги прашате уставните експерти ќе ви кажат и де јуре, е спротивен на Уставот, треба да го избришеме. И ако бараме подобар начин да имаме подобар и поточен изборен процес, тогаш можеме да најдеме и да бидеме покреативни, а да биде во согласност со Устав и тие тоа го одбија. Не знам за што го одбија, но го одбија. Тоа се, претпоставувам, нивни политички калкулации, рече Мицкоски.

Учеството на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, наведе, ќе биде за да спречат изборен поткуп каков што имало на последните локални избори. 

Мицкоски рече дека се уште не се знаат другите носители на листи освен објавеното дека тој ќе биде во Првата избор на единица, но на прашањето  „дали носители на листи покрај него во првата  изборна единица, ќе бидат и Владо Мисајловски во втората, Драган Ковачки во третата,  Александар Николовски во четвртата, Тони Коњановски или Гордана Силјановска во петтата, а Гордана Кочовска во шестата“ одговори -  прилично сте блиску.

Најавува дека ќе предложат  квалитетно решение за кандидат за претседател. 

-Имавме ние внатрепартиски принципиелен став околу критериумите на личностите кои би се нашле на листите, мислам дека многу скоро од денеска ќе бидат познати би рекол основните прaвци каде ќе се движи ВМРО-ДПМНЕ и кој ќе биде кандидатот кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере. Партиската конвенција е закажана за 2 март, параметрите нумерички си ги знаеме отприлика кој кандидат има најголеми шанси да биде претседател, иако морам да ви признаам од тие 22 најмалку петмина се убедливи споредбено со потенцијалните кандидати на власта, рече Мицкоски.

Посочи дека во името на демократијата, и според партискиот статут, секој оној кој ќе ги исполни условите согласно огласот ќе има можност да се појави на конвенцијата каде ќе се избере кандидат кој ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, генералната атмосфера во државава не е подемократска од онаа во 2016 година, кога се одржаа парламентарни избори по кои дојде до промена на власта.  Вели и дека не се согласува со тоа дека медиумите се послободни, дека има повеќе критички гласови во јавноста и оти опозицијата денес има многу повеќе место во медиумскиот простор отколку СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.лв/цр/

 

 

 

Остани поврзан