Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните измени додека сум претседател
- - И правата и втората изјава на господинот О`Брајан внимателно ги слушав и анализирав, исто како што внимателно ги анализирам и изјавите на другите претставници на меѓународната заедница и дојдов до заклучок, а тој е дека кога О`Брајан слета на Скопскиот аеродром, на отприлика 500 метри од пистата, високи активисти на ДУИ неколку недели претходно делеа шамари. И се обидов неговата изјава во контекст на тие што имаат план за Европа да ја ставам во овој контекст, каде активистите на ДУИ меѓу кои и претседател на огранок, влетаа и направија упад на стратешки објект, рече Мицкоски
Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните измени додека сум јас претседател, изјави вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
На прашање да даде коментар на изјавата на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан дадена во интервју за МИА во која се препознава опозицијата, а се однесува на тоа дека во претстојните процеси е особено важно да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина и дека постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат, Мицкоски упати на случувањата во М-НАВ во кои, како што рече, се вмешани високи функционери на ДУИ, и на редиците за промена на патните исправи.
- И правата и втората изјава на господинот О`Брајан внимателно ги слушав и анализирав, исто како што внимателно ги анализирам и изјавите на другите претставници на меѓународната заедница и дојдов до заклучок, а тој е дека кога О`Брајан слета на Скопскиот аеродром, на отприлика 500 метри од пистата, високи активисти на ДУИ неколку недели претходно делеа шамари. И се обидов неговата изјава во контекст на тие што имаат план за Европа да ја ставам во овој контекст, каде активистите на ДУИ меѓу кои и претседател на огранок, влетаа и направија упад на стратешки објект, рече Мицкоски во гостување на Топ Тема на ТВ Телма.
Тој посочи дека не може да се стави знак на равенство на „вакво однесување во М-НАВ и како треба европски да ја развиваме земјата“.
Мицкоски беше прашан директно да одговори дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа уставните иземени, бидејќи директни се и пораките од меѓународната заедница, меѓу кои и изјавата на американскиот дипломат Габриел Ескобар дека САД ги бираат за партнери на Балканот оние кои што го приближуваат регионот поблиску до Европа“.
-И на едниот и на другиот подиректно од ова не можам да го кажам. Кажано им е од моја страна дека вакви какви што се уставните измени ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да ги гласа додека сум јас претседател. Никогаш, рече Мицкоски.
Тој порача дека е време меѓународната заедница да почне да испорачува, бидејќи, како што рече, Македонија и македонскиот народ за тој пат кон ЕУ дадоа многу - име, презиме, знаме, банкноти, устави, како ниту еден народ во Европа.
Во коментар за изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир, каде се посочува на уставните измени како услов кој земјата треба да го исполни за продолжување на евроинтеграцијата, и дека нема промена на францускиот предлог ниту на преговарачката рамка, Мицкоски вели дека меѓународната заедница е таа која сега треба да испорача.
-Тие што ја претставувале Македонија прифатиле нешто што не може да испорачаат, зошто не не вклучија во процесот и ќе им беше јасно дека ова не може да помине, ќе излезеше француски предлог плус каде ќе бевме убедени дека има предвидливост дека меѓународната заедница, имајќи го предвид геостратешкиот контекст, ќе и дозволи на Македонија да тргне на патот кон ЕУ, но тоа не се случи. Мислеа дека ќе стават потпис и ќе останат на власт, а Македонија не доби ништо со европскиот пат, нагласи Мицкоски изразувајќи увереност дека и покрај ваквите ставови тие ќе ја формираат идната влада, а народот е тој што ќе ја избере. вг/лв/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ