• вторник, 24 декември 2024

Мицкоски: Власта одлучува дали е загрозено здравјето на граѓаните при пописот и локалните избори

Мицкоски: Власта одлучува дали е загрозено здравјето на граѓаните при пописот и локалните избори
Скопје, 18 август 2021 (МИА) -  Власта е таа која треба да оцени дали здравјето на граѓаните е згрозено или не, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во одговор на прашање дали ќе побара повторно одложување на пописот или на локалните изборите. -Уставна и законска одговорност на Владата, истакна Мицкоски, е да води сметка здравјето на граѓаните да биде заштитено. Власта владее со институциите. Опозицијата може само да предлага, власта е таа која што владее и треба да организра. Власта е таа која што треба да обезбеди безбедно спроведување или таа која треба да оцени дали здравјето на граѓаните е загрозено или не. Доколку власта не може да обезбеди доволен број на попишувачи, долколку власта сака да проведе попис во екот на нов, четврти бран од делта сојот, таа треба да се произнесе и да каже дали спроведувањето на пописот е безбеден или не е. Тоа што го има одговорност власта, треба јавно на граѓаните да им го соопшти, рече Мицкоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија. Коментирајќи ги новите рестриктивни мерки, тој повтори дека тие ги делат граѓаните на подобни и неподобни и истакна дека за тоа треба да има одговорност. Тој рече дека е за стимулативен, а не репресивен пристап  за имунизацијата и упати на стимулативни мерки како во соседството. Мицкоски наведе и дека тој како примател на крвна плазма има препорака  до октомври или ноември да не прима вакцина. - Можеше и еден ПЦР тест да заврши работа, за да не бидат празни моловите, рестораните и останатото. А, со тоа би се заштитиле и работните места и бизнисот, нема да трпи економијата. Наместо вакви би рекол мерки кои што се со една цел да ги поделат граѓаните и практично се мерки кои што имаат свој еквивалент како што реков во средината на 20-тиот век во едно друго време кога светот имаше една друга би рекол фашистичко нацистичка опасност, рече тој. Најави дека наскоро ќе го објави името на кандидатот или кандидатката за градоначалник на Скопје, а во петок на прес-конференција ќе објави имиња на уште 20 кандидати за градоначалници. - Во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии на овие избори уште во првиот круг во определени општини да настапиме заеднички во една коалиција, која што ќе го победи неспособноста, срамот, понижувањето, криминалот, корупцијата, пљачката, омаловажувањето на граѓаните, потенцира  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Упати повик до Левица да се приклучи кон  опозицискиот фронт, како што рече, „ако сака да делува опозициски и да ја поразиме оваа неспособна владеачка гарнитура“. - Левица рече на изборите ќе одат само со листи за советници и ако одат така може да разговараме за мнозинство во општините во советите, а претходно може да разговараме за поддршка за кандидати за градоначалници на опозицијата, без разлика од кои партии  дали ќе се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива или заеднички, кажа Мицкоски. Лидерот на на ВМРО-ДПМНЕ негираше дека се организатори на протестите што се одржаа во неделата против рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот, потенцирајќи дека како партија го поддржуваат секое уставно загарантирано на луѓето кои што сакаат да изберат и да живеат. По најавата на Владата за старт на учебната година со физичко присуство, Мицкоски во одговор на прашање рече дека неговиот постар син би го пуштил да оди во училиште. - Јас сум застапник за тоа да имаме физички присуство. Јас сум професор и сакам да имам физичко присуство на универзитетот. Но, исто така сум загрижен и за здравјето не само на моето дете, туку и здравјето на тие деца кои што ќе бидат негови соученици и мои студенти. Но, очигледно како опозиција можеме само да предлагаме, а оној кој што треба вистински да е загрижен, гледаме дека се однесува неодговорно и неспособно, рече Мицкоски.фф/лв/

Остани поврзан