• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски: Владата е отворена да се сретне со здруженијата што бараат излез од „должничкото ропство“

Мицкоски: Владата е отворена да се сретне со здруженијата што бараат излез од „должничкото ропство“

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) – По вчерашната одлука на Уставниот суд да се укине одредбата за застарување за извршувањето на долговите и реакцијата на  здруженијата кои побараа помош од владата, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека како влада се отворени да се сретнат со здруженијата за да најдат решение.

-Владата е отворена да се сретне со здруженијата и да најдеме заедничко решение за ова за кое тие велат дека претставува должничко ропство. Жалам и штета е што во минатото се правени набрзина законски изнудени решенија коишто ете, за жал, паѓаат на Уставен суд и се носат различни мерки итн. Затоа понекогаш човек треба да остави работите да издигестираат за да може да направи чекор напред. Ако сме брзоплети, ќе ни се случуваат вакви работи, изјави Мицкоски при посетата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). 

Во однос на причините за одлуката на Владата да се стопира онлајн-коцкањето, премиерот одговори дека тоа е поради незаконското давање лиценци и дека надлежните институции наскоро ќе соопштат како биле давани лиценците. 

-Затоа што имаме начелно правно мислење од Министерството за финансии дека сето тоа коешто е дадено како лиценца е незаконски дадено. Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, но и другите институции ќе се погрижат за јавноста многу скоро ја дознае вистината за тоа како се давани, зошто се давани итн., рече Мицкоски. 

За тоа каков е неговиот став како актуелен претседател на Владата за побарувањето од претходна Владата преку судски спор да ја добие зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за што по поништувањето на одлуката повторно е вратен спорот во Граѓанскиот суд, Мицкоски одговори „сигурно нема да се мешаме во случајот како што тоа го правеше претходната влада“. 

-Од името на државата бранител е Државното правобранителство. Од информациите што ги имам, процесот е  вратен во прв степен. Да почекаме. Честопати во јавноста кажувам одлуките на судовите – Врховен, Уставен се конечни, дали ни се допаѓаат или не, тоа е друго. Но, не би требало во својство на претседател на владата јас да ги коментирам. Оставам Државното правобранителство да ги брани интересите на Владата. И ќе видиме како ќе се развива овој случај, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања. хс/aa/

Фото: принтскрин

 

 

 

 

Остани поврзан