• недела, 29 декември 2024

Мицкоски: Веќе подолго време не сум сопственик на мали хидроцентрали

Мицкоски: Веќе подолго време не сум сопственик на мали хидроцентрали
Скопје, 29 септември 2020 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ најави дека партијата утре ќе го избере новиот генерален секретар. - Јас веќе подолго време не сум сопственик и навистина не сум ниту директно, ниту индиректно поврзан со какви било производители на електрична енергија ниту во Македонија, ниту надвор од Македонија, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочувајќи дека по изборите ДКСК донела заклучок во кој вели дека нема ниту корупција, ниту злоупотреба, ниту пак нешто друго да го инкриминира. Во однос на приходите, тој во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ повторно го истакна она што го говореше и за време на кампањата за предвремените парламентарни избори - „започнете од мене, од моето семејство“, нагласувајќи дека тој како опозиционер нема обврска,  ниту пак е државен функционер, но ќе пријави ако треба, за тоа, како што рече, нема никаков проблем. Во врска со поскапувањето на цената на струјата и одлуките околу тоа прашање, Мицкоски рече дека секогаш е добро да знаат граѓаните оти цената на електричната енергија се одредува со важност од 1 јули. И тоа, како што рече, е така секогаш. - Оваа година тој принцип се напушти и цената за електричната енергија за граѓаните и за оние коишто ги снабдува универзалниот снабдувач важи од 1 август. Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен затоа што имаше избори и дека на сите им беше јасно дека цената на електричната енергија за граѓаните кои ја добиваат електричната енергија од универзалниот снабдувач ќе биде поголема. Нереално е голем процентот којшто го има универзалниот снабдувач, а тоа е 11,5 проценти на вкупната сума на трошоците коишто отпаѓаат за да може ние како граѓани да ја користиме електричната енергија. На тоа треба да го додадете и ДДВ-то, така што не е баш така едноставна пресметката. И затоа за да не се изгубат политички поени Владата одлучува на РКЕ да и сугерира да ја одложат оваа одлука која што треба да се донесе најдоцна до 30 јуни, а да биде ефективна од 1 јули да одлучат да ја донесат на 31 јули, а да биде ефективна од 1 август. И тоа не е чесно, појасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи дека не требало да се зголеми цената на струјата, од причина што несразмерно е голем процентот којшто се одвојува за универзалниот снабдувач. - Нереално е висок процентот којшто го има универзалниот снабдувач. Доколку тој процент е во рамките на пазарните услови, тогаш немаше да се зголеми цената на електричната енергија за граѓаните. Електричната струја која што ја добива универзалниот снабдувач не е регулирана. Таа е цена која што тој ја набавува според Закон на тендер, а на тендерот државниот производител во случајов ЕСМ поранешна ЕЛЕМ има обврска со Закон да испорача 75 проценти од количините коишто му се потребни на универзалниот снабдувач. Втората работа која што е многу важна, зошто некој продаваше електрична енергија во јуни, јули месец за да покаже дека еве остварува добивка, а денеска имаме полупразни акумулации низ државата и конечно на крај зошто фингираме либерализација на пазарот на електрична енергија тоа што денеска се одразува врз цената на електрична енергија за граѓаните кога таа де факто и не се спроведува, потенцираше Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ќе ги поддржи сите најдобри судски процеси од ЕУ, но суштината е, подвлече, како тоа ќе се применува. - Сите најдобри закони да ги препишеме и да ги имплементираме во Македонија ќе ги поддржиме. Сето тоа на хартија убаво изгледа, но поентата е како тоа во пракса да се применува јас токму тоа се обидувам да објаснам затоа луѓето се чувствуваат разочарани и обесправени. Јас ви давам збор дека ВМРО-ДПМНЕ сите најдобри судски пракси од ЕУ ќе ги поддржи, тоа не е суштината. Суштината е како тоа се применува, додаде Мицкоски. Тој истакна  дека граѓаните на Република Македонија немаат доверба во системот и немаат доверба во правосудството. Според него, со Добрила Кацарска како Уставен Судија не може да има реформи во правосудството. - Проблемот во Македонија е што, граѓаните, младите луѓе, оние повозрасните, сите, немаат доверба во системот, затоа што се чувствуваат и беспомошно. Денеска гледаме дека Добрила Кацарска ќе станувала, Уставен судија, ќе добила унапредување поради тоа што добро одработила изминатиот период. Не може да има реформи со неа. Видете и кој го избира судскиот совет кој не ја предлага. Вие не можете да имате доверба во судството, ќе се чувствувате обесправени секогаш, затоа што ние гледаме како политичар бара мито и тој политичар поради процедурални причини е на слобода, вели Мицкоски. см/цр  

Остани поврзан