• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски: Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада и реформи, за тое се потребни измени на Законот за државна управа (ДПЛ)

Мицкоски: Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада и реформи, за тое се потребни измени на Законот за државна управа (ДПЛ)

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ ги предложи во Собранието по скратена постапка измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со коишто ќе се прави нова реорганизација на владата. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски, на прес-конференција во Собранието, ги повика сите пратеници да ги поддржат измените, најавувајќи дека седницата е планирано да се одржи во петок, а тие да бидат изгласани во понеделник.

-Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките кои што треба идната влада да ги спроведе за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот на годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и се она што сме ветувале во програмата. За се ова да се спроведе е потребно да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата, изјави Мицкоски.

Измените на Законот, по скратена постапка, тој ги поднесе врз основа на членот 71 став 1 од Уставот и врз основа на членовите 139, 144 и 175 од собранискиот Деловник.  

- Имено во Членот 71 став 1 од Уставот како и членовите 139 и 144 од  Деловникот е уредено дека право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи.  Додека пак со Членот 175 од Деловникот на Собранието е уредено дека Предлагачот на предлогот на закон може да му предложи на Собранието да расправа по истиот по скратена постапка, рече Мицкоски.

Побара поддршка од сите пратеници во македонскиот Парламент без исклучок на која политичка партија припаѓаат, а легитимитетот и легалитетот на ова барање, како што кажа, Мицкоски, го темели на изборниот резултат од пред неколку недели кога коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и новиот претседател професорката Гордана Сиљановска Давкова освоија 436.000 гласови, односно 561.000 гласови.

- Легитимитетот од страна на граѓаните е јасен, кредибилитетот и легалитетот е исто така јасен, рече Мицкоски.

Со ваквите измени, како што рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе добиеме ефикасност, осовременување на владата и да го подобриме животот на граѓаните. 

Прашан дали разговарале за поддршка од од 80 пратеници, со оглед дека законот се носи со двотретинско мнозинство, Мицкоски рече дека не би сакал да влегува во дневна политика. 

-Очекувам поддршка од сите парламентарни групи кои се дел од овој собраниски состав. Претпоставките да ги оставиме настрана. Не сме наивни политичари да веруваме во случајности, во политиката ретко има случајности, изјави Мицкоски.

Со предложените измени се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број на министерства во рамките на самата влада.

- Министерството за економија и труд ќе биде министерство кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите  на старото министерство за економија, а на тоа министерство ќе му биде додаде сегментот труд за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место и на тоа место заедно да ги реализираат своите права, дијалог и така натаму. Така што министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт која постоеше досега нема да постои и ќе имаме посебно министерство за спорт, најави Мицкоски.

Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Појасни дека дел од ингеренциите кои што ги имаше министерството за економија посебно во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети до новото министерство, министерството за култура и туризам. 

-Ќе имаме ново министерство кое што ќе има задача да спроведе еден многу важен проект кој што ќе ја зголеми транспарентноста, владеењето на правото ќе ја намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрацијата тоа е новоформираното министерство за дигитализација кое што во суштина ќе ги наследи обврските кој што ги имаше досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, рече Мицкоски, додавајќи дека ново ќе биде и министерството за администрација. 

Со една ваква реорганизација, смета идниот мандатар, ќе добиеме една ефикасност, осовременување на самата влада и, пред се, да го подобриме животот и стандардот на сите граѓани во Македонија без разлика на нивната политичка и партиска припадност.

За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници. аа/ев/

Остани поврзан